ФОТО | Фока се прикрала во соба и мирно си заспала: Гостинка на хотел во Холандија доби неочекуван роденденски подарок
Во приморскиот град Влисинген, на југозападот од Холандија, една жена во својата хотелска соба затекла голема сива фока како дреме на подот.
Препорачано
Хотелскиот персонал веднаш повикал здружение за заштита на животните, пренесува „Франс 24“.
„Беше тоа чудна сцена: гостите на хотелот, малку напнати, стојат надвор, а фоката сосема опуштено спие внатре“, наведува Фондацијата за добросостојба на животните во провинцијата Зеланд на својата фејсбук-страница, заедно со фотографии.
Фоката, која станала „прилично нерасположена поради прекинот на дремката“, била преместена со помош на специјална корпа и „пренесена на безбедно и помирно место“, соопштило здружението.
И покрај својот релативно смирен изглед, фоките можат да станат агресивни и да гризат ако се испровоцираат, предупредуваат од здружението.
„Мислите дека сте виделе сè, а потоа се случува вакво нешто“, изјавил вработениот во хотелот, Валентајн Дамен.
Тој додал дека гостинката во хотелот не побарала да ја смени собата.
„Сметала дека тоа е фасцинантно искуство. Тој ден ѝ беше роденден, па помисли дека е убав подарок“, рекол тој.


