ФОТО: Џафери нема „комплекси“ со службениот мерцедес да пие кафе на плоштад

ФОТО : Службени владини возила паркирани на плоштад / Дејан Србиновски

Прв ден од својот мандат премиерот на преодната Влада, Талат Џафери се покажа дека навистина нема комплекси, како што вели тој, да доаѓа на работа со приватно возило или со службениот мерцедес.

Сепак приказната да биде поиронична, на премиерот Џафери денес не му претставуваше ниту проблем во ресторан на плоштадот Македонија буквално со својот службен мерцедес да го испие и првото премиерско кафе, притоа блокирајќи ја пешачката зона на градскиот плоштад.

Иако е строго забранет сообраќајот на скопскиот плоштад за сите видови возила, глетката беше несекојдневна, бидејќи платото пред познатиот скопски ресторан беше опколено од службеното обезбедување на техничкиот премиер.

Станува збор за истото возило од тип „мерцедес – с“ со кое беше снимен и објавен Џафери на еден од домашните портали кога во селото Форино беше дочекан како „командант“, а пристигнувањето му беше со службено возило и придружни полициски возила.

ФОТО : Принтскрин / Службеното возило, марка мерцедес со кое техничкиот премиер Талат Џафери беше пречекан во своето родно место Форино

Инаку, премиерот Џафери денес ја презеде функцијата од досегашниот премиер Димитар Ковачевски. Тој на прес-конференцијата со новинарите рече дека не пати од тоа со какво возило ќе доаѓа на работа.

ФОТО : Службени владини возила на плоштад / ФОТО – Дејан Србиновски

– Иронијата за мерцедесот верувам дека не е никому во служба, јас немам комплекс со што доаѓам, дали со мерцедес или приватно ќе си одам дома, рече Џафери на денот кога ја презеде функцијата технички премиер.

Тој посочи дека без оглед колку ќе трае оваа влада, во ниту еден миг нема да отсуствува редовното функционирање на институцијата, соработката и инклузивноста во работата на Владата, обезбедувајќи секој сегмент или министерство да бидат транспарентни и ефикасни и во служба на граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот