ФОТО | Добро утро Скопје
Иако очите на политичарите и носителите на јавните функции периодов се вперени во локалните избори, а ситуацијата ќе биде слична во наредните неколку недели, има големи шанси жителите на Скопје уште некое време да останат со несобрано ѓубре и диви депонии сместени „пред вратата“ од нивните домови
Скопјани и утрово, како и последните неколку месеци, повторно се разбудија со огромни депонии пред нивните куќи и станбени комплекси, а од „Комунална хигиена-Скопје“ очигледно немаат план да започнат со исполнување на своите обврски, како претпријатие надлежно за собирање на отпадот низ главниот град.
Препорачано
Центар и денеска преплавен со ѓубре, општинските хигиеничари ќе чистат во две смени
Фотографии со огромни депонии добивме од Гази Баба, Карпош, Аеродром, Кисела Вода и други, а коментарите на граѓаните ја покажуваат нивната разочараност и недоверба во Градот, сметаат дека се оставени сами на себе и да се „дават во ѓубре“.
„Ова го начекав сабајлево во Железара. Труе, корне, ова е депонија, арам да им е на надлежните, зошто не оставија да се давиме во измет. Железара подготвува потписи, петиции за кривична одговорност. Ова е бубашваба систем…“, вели жителка на Железара.
Ситуацијата е слична и на улицата „Вангел Тодоровски“ во Аеродром, каде, според жителка, комуналното камионче неколку денови поминувало празно, но не застанало да го собере отпадот.




„Повторно на „Вангел Тодоровски“, камионот за ѓубре неколку пати околу полноќ поминува деновиве ама празен и не застанува“, информира жителката.
Во населбата Припор, пак, несовесните граѓани повторно започнале да го депонираат отпадот на пешачката патека покрај месната заедница, локација која во неколку наврати со месеци беше затрупана во кабаст отпад и сега повторно патеката е блокирана, а пешаците мораат да се движат по главната улица.


„Идниот градоначалник ќе го чисти Скопје, ама Кисела Вода ја заборави… Мојот контејнер беше преполн, па морав да го закачам ѓубрето на мојата ограда, но дел од соседите започнаа да го отфрлаат својот отпад на тротоарот до месната заедница, а трети, пак, поминуваат со своите автомобили и од прозор го фрлаат директ во оваа нова дива депонија“, вели жител на Припор.
Иако очите на политичарите и носителите на јавните функции периодов се вперени во локалните избори, а ситуацијата ќе биде слична во наредните неколку недели, има големи шанси жителите на Скопје уште некое време да останат со несобрано ѓубре и диви депонии сместени „пред вратата“ од нивните домови.





