ФОТО | Денеска ќе наполнеше 44 години: Сопругата на Андреј од „ДНК“ сподели емотивен спомен на неговиот роденден
Македонскиот музичар Андреј Ѓорѓиески, кој македонската јавност си го памети како Андреј од музичкото дуо „ДНК“, е роден на денешен ден – 9 февруари. Да беше жив, денеска тој ќе наполнеше 44 години.
Препорачано
Годишнината од неговото раѓање беше одбележана и од неговата сопруга Наталија Ѓорѓиеска, која ретко се огласува јавно по трагичната загуба на Андреј во март минатата година. Денеска таа сподели фотографија од плажа, направена на зајдисонце, на која Андреј се наоѓа во далечината, со широко небесно пространство зад себе. Објавата беше придружена со песната „Север и југ“ од „ДНК“, а Наталија кратко напиша: „Твојот роденден“.
За потсетување, Андреј Ѓорѓиески го загуби животот на 16 март 2025 година, во пожарот што избувна за време на настап во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани.
Андреј и Наталија беа во брак речиси десет години. Се запознале случајно во бутик во кој таа работела, по што продолжиле да комуницираат преку социјалните мрежи, а Андреј ја поканил на состанок. Тие ја имаат ќерката Јана.
Во кариерата, Ѓорѓиески остана препознатлив по долгогодишната работа со „ДНК“, дуо што го основа со Владимир Блажев – Панчо во 2001 година, а првиот албум „Пази дете“ го објавија во 2005 година. Андреј завршил основно и средно музичко училиште и студирал на Музичката академија во Скопје, каде што се запознал со Панчо. Покрај музиката, работел и како музички уредник на телевизијата К-15 и како продуцент на шоуто „Мојата ѕвезда“.


