ФОТО | Боби Кузманоски цела година го фотографирал Сонцето и создаде фасцинантна сончева аналема над Скопје
Македонскиот фотограф Боби Кузманоски реализираше редок и долгогодишен фотографски проект – да ја прикаже патеката на Сонцето над Скопје преку таканаречена сончева аналема.
Препорачано
Станува збор за специфична појава во астрономијата, при која Сонцето, фотографирано во исто време и од исто место во текот на една година, создава крива во форма на бројот осум.
„Одамна ме привлекуваа фотографиите на сончева аналема, онаа убава крива во облик на бројот 8 која настанува кога ќе го фотографираш Сонцето секој ден, во исто време, цела година. Сакав да направам своја верзија, но со препознатливата панорама на Скопје во позадина, и така да ја создадам првата сончева аналема сликана од македонски автор на македонско тло.“, објаснува Кузманоски за мотивацијата зад проектот.
Фотографирањето се одвивало од покривот на неговата зграда, најчесто за време на викендите, со строго утврден термин.
„Планираното време беше 14:30, но уште на првата сесија поради технички проблем направив фотка дури во 14:50 и тоа стана фиксниот термин за целата година“, вели тој.
Иако временските услови секогаш не биле идеални, проектот не бил прекинат. Како што посочува, за ваков тип фотографија најважна е точната позиција на Сонцето.
„При делумна облачност, магла или тенки слоеви на облаци сепак сликав… ми требаше само точната позиција на Сонцето, а не совршена фотографија“, додава фотографот, нагласувајќи дека само трипати условите целосно го спречиле да фотографира.
Посебен предизвик било и прилагодувањето на летното и зимското сметање на времето.
„Сонцето не го следи нашето поместување на часовникот… па така го поместив фотографирањето за еден час. Така останував во чекор со Сонцето, а не со часовникот“, објаснува тој.
По 365 дена континуирана работа, резултатот е фотографија на која Сонцето ја исцртува својата препознатлива „осумка“ над градот, движејќи се од високите летни позиции до ниските зимски траектории.
„Оваа фотографија е кулминација на едногодишен проект… резултатот е фасцинантен визуелен запис во кој Сонцето ја исцртува својата карактеристична осумка, спојувајќи го урбаниот пејзаж со космичкиот ритам“, заклучува Кузманоски.


