ФОТО: Абази има цела галерија со функционери на ДУИ, а тврдеше дека нема контакт со никого од партијата

Новоизбраниот шеф на Обвинителството за гонење на организиран и криминал и корупција, Ислам Абази, денеска за првпат се појави во јавност, порачувајќи дека ќе работи професионално. На прашањето за негова наводна блискост со ДУИ, тој одговори дека не е близок со Али Ахмети, иако се од исто село, како и дека нема никаква врска со партијата. Но, тој рече и дека нему како обвинител не му е забрането да се дружи ниту со некој од ДУИ, ниту пак со други.

Но, само неколку часа подоцна, се појавија низа фотографии на кои се гледа Абази во дружење и неформална атмосфера со истакнати функционери на партијата. На една од фотографиите Абази е со поранешниот градоначалник на Гостивар и долгогодишен член на ДУИ, Невзат Бејта.

Фото: „Фокус“

На друга фотографија, Абази е во лов на диви свињи со обвинителот од скопското Вишо обвинителство, Дилавер Бектеши. Бектеши во јавноста е познат по случајот со двајцата поранешни функционери на ДУИ, Ејуп Алими и Исмет Гури, во кој одлучи на двајцата да им се вратат пасошите во текот на постапката, во која беа осудени на казна затвор од три и пол години за уништување на изборен материјал на локалните избори во 2013 година во Чаир за да победи ДУИ.

Фото: „Фокус“

Новиот шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во неговото прво јавно појавување посочи дека тој со неговото досегашно работење не оставил простор да има впечаток дека тој има релации со политичка партија.

„Не е точно“, рече Абази прашан дали има блиски релации со Али Ахмети.

Сепак, на една од фотографиите кои се појавија во јавноста, новиот обвинител кој треба да ја предводи борбата против корупцијата и криминалот во земјава, е сликан во опуштена атмосфера со братот на лидерот на ДУИ, Фикри Ахмети.

Фото: „А1он“

Прашан дали можеби се сретнал со Али Ахмети, бидејќи е негов соселанец од Зајас, Абази одговори: „Можеби и сме се сретнале“. Тој негираше дека има лични контакти.

Абази вчера беше избран за наследник на Вилма Русковска на чело на ЈО ГОКК, а изборот за првпат се спроведуваше со директно гласање на сите обвинители во државата. Неговиот избор беше експресно поздравен од заменик-министерот за правда, Агим Нухиу.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот