Бијонсе / Фото: Инстаграм/Бијонсе

„Форбс“: Бијонсе влезе во клубот на милијардери по рекордната турнеја „Каубој Картер“

Американската музичка ѕвезда Бијонсе Ноулс официјално стана милијардерка, со што се приклучи на тесниот круг музичари чие богатство се проценува на повеќе од една милијарда долари, објави престижното списание „Форбс“.

Според проценките на влијателниот деловен магазин, Бијонсе до статусот милијардерка стигна по исклучително успешната 2025 година, обележана со турнејата „Каубој Картер“, која важи за најуспешна концертна турнеја во историјата на кантри-музиката.

Турнејата оствари повеќе од 400 милиони долари од продажба на билети, а дополнителни околу 50 милиони долари беа инкасирани од продажба на сувенири.

Бијонсе (44) е петтата музичка ѕвезда што го достигнала овој финансиски праг, по нејзиниот сопруг Џеј Зи, како и по Тејлор Свифт, Ријана и Брус Спрингстин.

Само во текот на 2025 година, пејачката, според проценките, остварила приходи од околу 148 милиони долари пред оданочување, со што се вбројува меѓу најплатените музичари во светот.

Бијонсе на својата концертна турнеја во 2025 година / Фото: Инстаграм/Бијонсе

Клучот за нејзиниот финансиски успех е целосната контрола врз кариерата и авторските права, воспоставена со основањето на компанијата Парквуд Ентертејнмент во 2010 година. Компанијата ја продуцира и дистрибуира нејзината музика, концертите и филмските проекти, овозможувајќи ѝ значително поголеми профитни маржи.

„Кога одлучив самата да се занимавам со менаџментот, ми беше важно да не влезам во некоја голема менаџерска компанија. Сакав да ги следам стапките на Мадона и да бидам моќна ѕвезда, да имам свое царство и да им покажам на другите жени дека, кога ќе стигнете до оваа точка во кариерата, не мора да потпишувате договор со некој друг и да го делите својот успех – тоа можете да го направите сами“, изјави Бијонсе во интервју од 2013 година.

Иако низ годините инвестираше и во модни, козметички и брендови на алкохолни пијалаци, најголемиот дел од нејзиното богатство потекнува од музичкиот каталог и од големите светски турнеи.

Бијонсе во повеќе наврати истакна дека планира да ја продолжи кариерата со строго поставени приватни граници, нагласувајќи дека „ниеден износ пари не вреди колку семејниот мир“.

Во ретките интервјуа што ги даваше последниве години, таа откри дека албумите „Renaissance“ и „Cowboy Carter“ се првите два дела од планирана трилогија албуми во различни музички жанрови.

Претходно годинава, во разговор за списанието „Џи-Кју“, Бијонсе изјави дека во иднина сака да оди на турнеи само додека нејзините деца не тргнат на училиште, со цел да им овозможи што е можно понормално детство.

„Вложив огромен труд да останам верна на своите граници и да ги заштитам себе си и моето семејство. Ниеден новец не вреди колку мојот внатрешен мир“, порача пејачката.

ВИДЕО | Објавена темата за Мет Гала 2026: Луѓето се огорчени кога слушнаа кој ќе го финансира модниот спектакл

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот