ФООМ со реакција: Ние не сме го финансирале извидничкиот настан Sex Scouts and Rock’n’Roll

Илустрација: Извидници / Фото: Архива на „Слободен печат“

Фондацијата Отворено општество – Македонија ги демантира денешните написи кои се појавија во Курир, Република, Нетпрес, Лидер и Плус Инфо, а кои имплицираат дека ФООМ го финансирал извидничкиот настан Sex Scouts and Rock’n’Roll. Според нив, изнесените информации се комплетна невистина и претставуваат дезинформирање на јавноста.

– Би сакале да ја информираме јавноста дека Управниот одбор на Фондацијата Отворено општество – Македонија во рамките на концептот Зелен скок – партнерства за климатска акција, на јавен повик за поддршка на активности на граѓански организации и неформални групи, меѓу другите, донесе одлука и за поддршка на проектот „Петтиот елемент” поднесен од Прв скопски извиднички одред (ПСИО) со грант бр. 10664 во денарска противвредност на 12 229 долари, велат оттаму.

Како што објаснуваат тие, согласно проектната документација, главната цел на проектот „Петтиот елемент“ е создавање на позитивна средина за учење и заштита на животната средина преку неформална едукација за деца и млади во природа. Посебните цели на проектот вклучуваат создавање позитивна средина за учење и заштита на животната средина преку неформална едукација за деца и млади во природа и подигнување на јавната свест за заштитата на животната средина, како и креирање одржливи програми преку врсничка едукација.

– Согласно планот за реализација, досега е адаптирана и креирана одржлива програма за промоција и едукација на тема животна средина со симболичка рамка (Петтиот елемент) и прирачникот е достапен на www.psio.org.mk. Дополнително, на летен камп кој се одржал во јули на Охридското крајбрежје се обучени 20 врснички едукатори за имплементирање на програма за чиста и здрава животна средина. Во тек се подготовките за реализација на останатите сесии за врсничка едукација, како и видео кампања на темата заштита на животна средина, објаснуваат од ФООМ.

Од ФООМ остро реагираат на непочитувањето на член 1 од Кодексот на новинарите.

– Новинарите треба да објавуваат точни, проверени информации, и секогаш да ја проверуваат точноста на информацијата со која располагаат. Новинарите се обврзани да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде правилно и прецизно информирана. Во ФООМ е пристигнато барање за проверка на точноста на информациите од еден медиум, но за жал, по објавувањето на написот од страна на медиумот, реагираат оттаму.

Дополнително, оттаму информираат дека информациите врзани со доделениот грант кои се транспарентно објавени на веб-страницата на ФООМ се делумно преземени од посочените медиуми и се притоа ставени во поинаков контекст, што претставува директно дезинформирање на јавноста.

– Воедно, се повикуваме на членот 3 од Кодексот на новинарите и инсистираме да биде обезбедено објавување на овој демант и реакција и да биде обезбедена исправка на информацијата бидејќи фактички е утврдена нејзината неточност, велат тие.

Од ФООМ апелираат за силен фокус кон итно постапување на институциите и целосно расветлување на случајот поврзан со извидничкиот настан Sex Scouts and Rock’n’Roll и стојат на располагање за сите дополнителни информации кои им се потребни на новинарите за целосно и вистинито информирање врзано со случајот.

СИТЕ ПОВРЗАНИ ТЕКСТОВИ НА ОВАА ТЕМА:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот