фото: Pixabay.com

Фондот ќе ги покрива трошоците за генетски анализи за онколошки пациенти

Фондот за здравствено осигурување и Природно-математичкиот факултет потпишаа договор со кој генетски анализи за онколошки заболувања ќе почнат да се изведуваат во лабораторијата за молекуларна биологија и геномика при ПМФ, а трошоците ќе ги покрива Фондот.

Со ова, пациентите со рак ќе добиваат побрза и попрецизна дијагноза, преку новата технологија за генетско секвенционирање (NGS), што овозможува лекарите да ја одберат најефективната терапија според генетските карактеристики на туморот.

Директорот на ФЗО, Сашо Клековски, истакна дека целта е да се намалат долгите листи на чекање за онколошки анализи и да се забрза почетокот на лекувањето. Очекувањата се во 2025 година да се направат околу 1.500 вакви анализи, за онколошки и ретки болести.

Покрај тоа, лабораторијата ќе служи и како практична база за студентите  – идни генетичари, кои ќе имаат можност уште за време на студиите да работат со најсовремена опрема.

Клековски најави и воведување на предимплантациска генетска дијагностика (ПГД), анализа која досега не се работеше во земјава, а се користи при ин-витро постапки за утврдување дали ембрионот е здрав. Оваа услуга треба да ја зголеми успешноста на ин-витро обидите и да придонесе за раѓање здрави деца.

Деканот на ПМФ, Даворин Трпески, истакна дека факултетот првпат во својата 80-годишна историја директно се вклучува во здравствениот систем, а вложените јавни средства преку Министерството за образование и наука сега ќе се вратат кај граѓаните преку здравствени услуги.

– За тоа да се случи, морам да кажам дека три точки се многу битни во целата работа. Првата е одличната соработка што ја имавме во изминатиот период со Министерството за здравство, каде што ги препознаа нашите капацитети и изготвија решение за да се вклучиме во здравствениот систем на Македонија, при што лабораторијата за молекуларна биологија и генетика, всушност, ја доби таа акредитација. Втората работа е тимот што работеше, како и вработените на ПМФ, кои интензивно работеа во изминатиот период за да може да создадат услови за сето тоа да биде подготвено како што треба – истакна Трпески.

Лабораторијата се очекува да започне со работа веднаш по завршувањето на техничките подготовки и набавката на потребните материјали.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот