„ФИН Проект“ и Тања Царовска ќе имаат промоција на албумот „Егрегор“ во кафе „Литература.мк“
Во амбиентот на кафе „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, на 9 јули (среда), со почеток во 21 часот, ќе се одржи концерт на Никола Стојковски („ФИН Проект“) и Тања Царовска. На настанот ќе го промовираат нивниот нов музички албум „Егрегор“.
Препорачано
Специјални гости на концертот ќе бидат Петар Христов (саксофон и кларинет), Горан Трајкоски – Готра и Билјана Петровска (пијано).
Концертната промоција на албумот „Егрегор“ се одржа на 3 јули, во рамки на фестивалот „Скопско лето“ во Куршумли ан. Албумот е реализиран како прва соработка помеѓу Никола Стојковски („ФИН Проект“) и вокалната солистка Тања Царовска. Концертната изведба на материјалот предизвика убави реакции кај присутната публика.
Претходни албуми на „ФИН Проект“ се „Битови и Орнаменти / Во Македонија“, „Едно е Сонцето“, „Ре:Визија“, „Време. Живот. Слобода“, на кои како соработници или гости на Никола Стојковски се појавија Калина Велковска, Александар Николовски, Горан Трајковски – Готра, Васко Атанасоски, Влатко Георгиев, Ненад Стефаноски, Зарина Првасевда и други.
Десетгодишнината на групата во 2023 година беше заокружена со албум за кој на музиката на „ФИН Проект“ оркестарски аранжмани подготвија Јован Јовановски, Сенад Усеин и Билјана Петровска, а автор и продуцент на сите албуми е Никола Стојковски.


