Филмските критичари одлучиjа: Ова се најдобрите филмови за 2025 година
Филмските критичари на „Холивуд репорер“, Дејвид Руни, Џон Фрош и Шери Линден, ги составија своите листи на најдобри филмови на годината, а на врвот се најде бразилскиот политички трилер „Тајниот агент“ (The Secret Agent) на режисерот Клебер Мендонса Фиљо.
Препорачано
Топ 10 најдобри филмови од 2025 година според Дејвид Руни
„Тајниот агент“
Сместен во 1977 година, за време на врвот на бразилската воена диктатура, ова ремек-дело на режисерот Клебер Мендонса Фиљо го носи Вагнер Моура во улога на техничарот Армандо, кој се враќа во родниот град Ресифе по вознемирувачки судир со корумпиран федерален функционер. Проткаен со апсурден хумор, рефлексии за историјата и меморијата и длабока љубов кон филмот, овој политички трилер е, како што го опишува Руни, „sui generis ремек-дело“.
„Една битка по друга“
Пол Томас Андерсон го создаде својот најдинамичен филм од „Ноќи на буги“ со слободна адаптација на постмодернистичкиот роман „Вајнленд“ на Томас Пинчон. Леонардо Дикаприо го предводи актерскиот ансамбл во ова епско дело кое го спротивставува револуционерниот радикализам од изминатите децении со прикриен подземен отпор кој би можел да биде „лекувит за нашата моментална политичка болест“.
„Сират“
Оливер Лаксе, визионерскиот шпански режисер, создаде „филм каков што не е виден“ – споредуван со „Лудиот Макс“, „Платите на стравот“ и „Забриски поинт“, но истовремено сосема уникатен. Серџи Лопез игра татко кој патува од Шпанија со својот син во планините на јужно Мароко во потрага по исчезнатата ќерка. Патувањето е истовремено трагично и трансцедентално.
„Ден на Питер Хујар“
Ира Сакс создаде „хипнотички експеримент“ конструиран од неодамна откриени снимки од разговори од 1974 година помеѓу фотографот Питер Хујар и неговата пријателка, писателката Линда Розенкранц. Бен Вишо го игра Хујар „со волшебна елеганција и суптилно“, додека Ребека Хол внесува топлина на интимното пријателство. Филмот е истовремено портрет на квир уметник и њујоршката уметничка сцена од седумдесеттите.
„Марти Суприм“
Џош Сафди во својот прв соло филм по 17 години носи „енергија што експлодира од секој кадар“. Тимоти Шаламе во виртуозна улога игра дрзок протагонист кој се обидува својата вештина за играње пинг-понг и безгранична дрскост да ги претвори во излез од секојдневниот живот како продавач на чевли на Долниот Ист Сајд во раните педесетти.
„Сентиментална вредност“
Норвешкиот режисер Јоаким Триер истражува напната семејна динамика проникливо и елегантно. Стелан Скарсгард игра егзоцентричен, некогаш славен режисер Густав, кој се обидува да се врати, притоа надевајќи се дека ќе ја наговори својата отуѓена ќерка, актерката Нора (Ренате Реинсве), да глуми во неговиот филм. Инга Ибсдотер Лилеас ја игра Агнес, приземната академска сестра на Нора, додека Ел Фанинг глуми млада холивудска ѕвезда.
„Грешници“
Рајан Куглер го создаде својот прв целосно авторски филм – „сензационален хорор филм кој меша жанрови“ и ја искористува духовната и натприродна моќ на блузот за размислување за расата, слободата, историјата и темнината. Мајкл Б. Џордан игра идентични близнаци кои во 1932 година се враќаат од Првата светска војна и чикашкото подземје во нивниот роден град во делтата на Мисисипи за да отворат бар. За жал, музиката привлекува не само работници туку и „грабливи бели вампири“.
„Возови на соништа“
Клинт Бентли ја адаптираше елегичната новела на Денис Џонсон од 2002 година во „поетска хроника на животот“. Џоел Еџертон игра надничар кого работата го одведува далеку од семејството на северозападниот дел на Пацификот на почетокот на 20-от век.
„Мозокот“
Кели Рајхард го реинвентираше жанрот на филмот за уметничка кражба (art heist) во дело сместено во раните седумдесетти, збогатено со естетиката на филмовите од таа деценија. Џош О’Конор глуми столар кој се нашол во неволја, а ансамблот ги вклучува Алана Хаим, Бил Кемп, Хоуп Дејвис, Џон Магаро и Геби Хофман.
„Франкенштајн“
Гиљермо дел Торо се сретна со класикот на Мери Шели од 1818 година во „опоен готски чин на реанимација“. Оскар Ајзак во улога на егоцентричен научник е „како денди рок ѕвезда“, Миа Гот е „волшебна“ како слободоумна жена, додека Џејкоб Елорди во „откривачка изведба“ влегува во улогата на „Суштеството“ со потресен патетос.
Топ 10 филмови на Шери Линден
Шери Линден носи поинаква перспектива, ставајќи го на прво место силниот документарно-игран филм за трагедијата во Газа – „Гласот на Хинд Раџаб“ (The Voice of Hind Rajab). Режисерката Каутер Бен Ханиа создаде потресна докудрама за случајот кој одекна низ светот. Филмот ја следи трагичната приказна на шестгодишната палестинска девојче Хинд Раџаб, чиј глас засекогаш остана забележан во повикот за помош, а мешавина од вистинската аудио снимка од гласот на Хинд и драматизирана изведба, прикажана од перспектива на волонтерите од итната служба кои го примиле повикот. Снимен со намера за ширење на свеста за геноцидот врз Палестинците и за да придонесе за глобалниот повик за акција, филмот во Венеција е овенчан со низа награди, вклучувајќи ја и Големата награда на жирито.
– „Гласот на Хинд Раџаб“
– „Тајниот агент“
– „Присуство“
– „Една битка по друга“
– „Заветот на Ана Ли“
– „Марти Суприм“
– „Сентиментална вредност“
– „Приказната на Сулејман“
– „Претседателската торта“
– „Сина Месечина“
Топ 10 филмови на Џон Фрош
Џон Фрош се согласува со Руни околу првите четири места на листата, што говори за силата на тие филмови, но петтото место го резервира за хоророт кој ја одбележа годината – „Оружја“ (Weapons).
– „Тајниот агент“
– „Една битка по друга“
– „Марти Суприм“
– „Ден на Питер Хујар“
– „Оружја“
– „Звукот на падот“
– „Совршен сосед“
– „Беше несреќа“
– „Грешници“
– „Без близнаци“


