Филмот што сите го чекаат: Килијан Марфи јадел по еден бадем дневно за да биде поубедлив Опенхајмер

Фото: LANDMARK MEDIA / Alamy / Alamy / Profimedia

Актерот Килијан Марфи бил на екстремен режим на исхрана при подготовката за улогата во новото филмско остварување на режисерот Кристофер Нолан„Oppenheimer“, филм кој ја следи животната приказна на физичарот Роберт Опенхајмер.

„Тоа беше монументален потфат. Јадеше по еден бадем дневно. Беше морничаво слаб“, изјави актерката Емили Блант, која во филмот ја глуми сопругата на физичарот, Кити Опенхајмер.

Емили Блант во филмот „Oppenheimer“ / Фото: LANDMARK MEDIA / Alamy / Alamy / Profimedia

Но, и самиот Марфи веќе зборуваше за неговото „инвестирање во улогата“ и трансформациите кои бил спремен да ги направи во име на својата работа.

„Сакам да глумам со моето тело, а Опенхајмер имал многу специфичен изглед, кој сакав да го покажам. Морав да изгубам многу килограми, но и костимографите и облеката ми помогнаа во тоа да изгледам послабо. Тој бил исклучително слаб човек, преживувал на мартини и цигари“, изјави актерот за „Њујорк тајмс“ во мај годинава.

Фото: LANDMARK MEDIA / Alamy / Alamy / Profimedia

Исто така, брзината со која го снимале филмот му помогнала на актерот да ја постигне својата цел.

„Како да си во воз кој, моментално, го бомбардираат. Спиеш неколку часа, стануваш и почнуваш од почеток. Функционирав со некоја луда енергија. Поминав невидлив праг после кој веќе не ми беше грижа за храната или за што било друго. Но, беше добро затоа што ликот што го глумав е таков. Никогаш не јадел“, објасни Марфи во интервју за „Гардијан“ на почетокот од месецов.

Сепак, Марфи потенцираше дека таквиот начин на исхрана не е безбеден и дека никој не смее така да јаде или, поточно, да гладува.

Фото: UNIVERSAL / Planet / Profimedia

Филмот за физичарот, кој го нарекуваат „татко на атомската бомба“ и кој раководел со лабораториите на американската армија во Лос Аламос за време на Втората светска војна, ќе почне да се емитува во киносалите ширум светот на 21 јули.

Филмските критичари му предвидуваат голем успех и номинации за многу значајни филмски награди.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот