Филмот „Најсреќниот човек на светот“ на Теона С. Митевска го освојува светот

Актерската екипа на филмот „Најсреќниот човек на светот“

Долгометражното филмско остварување „Најсреќниот човек на светот“ на режисерката Теона Стругар Митевска продолжува да го освојува светот по светската премиера на Филмскиот фестивал во Венеција и Торонто минатата есен и одличниот прием од страна на светската критика, како и големиот интерес за интернационална кино дистрибуција, која започна годинава.

Во текот на февруари и март „Најсреќниот човек на светот“ влезе во редовна кино дистрибуција дури во шест европски земји. Светската дистрибуција ја започна во Франција, каде филмот ќе се прикажува во 37 кино сали низ цела Франција.

Кино прикажувањето на филмот во Франција е водено од „Пирамид“, една од најпрестижните и најдобри дистрибутерски куќи во Франција и Европа, кој го дистрибуираше и претходниот филм на Теона, „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“.

Како и во Франција, позитивните критики не стивнуваат и во Шведска, каде филмот влегува во кино салите на 31 март. Емотивната премиера во Босна беше проследена со долги аплаузи и овации и филмот ќе се прикажува низ кината во оваа земја во наредниов период.

По Босна и Херцеговина ќе следува дистрибуцијата на филмот во Данска, Италија и Швајцарија. Во Италија дистрибутерската куќа „Теодора“, охрабрени од успехот на „Петрунија…“ и големиот медиумски интерес по Венеција, подготвуваат најширока кино дистрибуција на „Најсреќниот човек на светот“ низ цела Италија, која започнува во април.

Промоцијата на филмот низ светот продолжува во силен ритам, исто така, и со настапи на бројни престижни фестивали. Во март и април „Најсреќниот човек на светот“ патува на дванаесет фестивали нив целиот свет. Започнувајќи со филмскиот фестивал во Мајами, од каде продолжува на Софискиот филмски фестивал, па на Картагена, филмскиот фестивал во Колумбија.

Потоа оди во Шпанија на фестивалот во Барселона, па Кливленд филмскиот фестивал во САД, и повторно во Франција, каде веќе освои неколку награди, овој пат во Лунел, па во Полска на филмскиот фестивал „Еуроазија“, како и во Краков на „Оф Камера филмски фестивал“, потоа на филмскиот фестивал во Висконсин во САД, како и во Њујорк и во Милвоки.

Априлската тура на филмот завршува со прикажување на два фестивала, каде Теона С. Митевска е член на жиријата, прво во Истанбул, а потоа и во Линц, Австрија, на фестивалот „Кросинг Европа“, каде Теона ја освои првата награда со своето првенче „Како убив светец“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот