Игор Филков / Фото: „Слободен печат“ /Слободан Ѓуриќ

Филков бара одговорност за обвинителите и судијата кои го пуштија Груби дома

„Скандал кој не смее и не треба да се премолчи“ – вака министерот за правда Игор Филков го коментира куќниот притвор определен на поранешниот вицепремиер Артан Груби. Филков ги повика Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да свикаат седници и да утврдат дали има одговорност за обвинителот Даниел Коцев и новиот шеф на скопското обвинителство Анел Фидоски кои предложија куќен притвор, како и за судијата на претходна постапка Марин Станевски, кој го прифати предлогот.

– Јавно ги повикувам сите актери во постапката да дадат објаснување, јавниот обвинител Даниел Коцев, да објасни врз основа на кои конкретни факти и правни аргументи е дадено мислењето за замена на притворот. Раководителот на обвинителството, Анел Фидоски, дали стои зад оваа одлука и дали смета дека ова е порака за еднаква примена на законот. Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, Марин Станевски, кои околности го надминале ризикот од бегство кај лице кое цели 14 месеци беше недостапно. Кога станува збор за истрага за проневера од над 8 милиони евра, кога постоел ризик од бегство, што и се случи, секоја одлука за поблага мерка мора да биде кристално јасна и правно неоспорлива. Во спротивно се отвора сериозен сомнеж за селективност. Не може за обичен граѓанин притворот да биде автоматизам, а за поранешни високи функционери да биде исклучок. Не може безбедносни индиции да станат поважни од принципот на еднаквост пред законите. Ако постои закана, државата има механизми да обезбеди безбедност и во рамки на притворскиот систем. Ако обичен граѓанин може да остане во притвор за далеку помали износи и без претходно бегство, тогаш истите стандарди мора да важат за сите – изјави Филков на прес-конференција.

Тој утрово побарал и објаснување од директорот на затворот „Скопје“ и директорот на Управата за извршување на санкции кои му кажале дека биле обезбедени сите услови за спроведување на притворот.

-Недозволиво е да се тврди дека не може да се гарантира безбедност на притворено лице и тоа да стане аргумент за поблага мерка. Како министер за правда дополнително ќе побарам да се изврши вонреден надзор во Затвор Скопје, како и во останатите затвори низ Македонија во однос на безбедносната состојба- рече Филков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот