Филипче вели дека СДСМ се консолидирал и отсега најавува нова партиска програма во јуни
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во гостување на телевизијата „Канал 5“ вчеравечер рече дека партијата се консолидирала и оти веќе работи на новата партиска програма, за која тој најави дека ќе биде претставена дури по четири месеци, во јуни.
Препорачано
„Во процес сме на комуникација со членството, кој ќе заврши на почетокот или средината на јуни со уште еден програмски конгрес, на кој ќе ја презентираме партиската програма, најави Филипче.
Околу одбивањето да оди на лидерска средба, тој рече дека СДСМ и „натаму се конструктивна, но не и контролирана опозиција“.
– Демократијата не смее да се минира и злоупотребува. Тука сме за дијалог за стратешки правци и теми. Една од најсерозните работи е минималната плата, за која дадовме предлог во Собранието, рече Филипче, повторувајќи дека има ставки од Буџетот од кои, според него, може да се скратат пари за да се овозможи исполнување на барањето за зголемување на минималната плата.
За тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ за спрега на СДСМ со раководството на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), лидерот на опозициската партија рече дека претседателот на ССМ Слободан Трендафилов го сретнал еднаш пред година и половина и оти немаат никаква комуникација и координација.
Коментирајќи го случајот со големата заплена на марихуана од фабрики за медицински канабис во земјава, Филипче рече дека додека бил министер за здравство не потпишал измени на Правилникот за одгледување канабис за медицински цели. Тој вели дека „власта мора да одговори на клучните прашања поврзани со случајот со запленетата дрога во Србија, а која потекнува од Македонија“. Филипче посочи дека институциите не смеат да молчат кога станува збор за сериозен скандал од вакви размери.
Тој праша зошто власта чекала, како што рече, „ваков скандал да биде иницијатива за да се направи проверка“. – Повторно е проблемот во власта која не си ја вршела добро работата две години да ги исконтролира како што треба производителите, рече Филипче.


