Филипче: Со лекарите антиваксери ќе се занимава Лекарската Комора

Венко Филипче, министер за здравство. / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

И лекари се антиваксери и постојано на социјалните мрежи манипулираат со јавното мислење, изнесувајќи грешни толкувања на научни студии и обесхрабруваат да се прими вакцина. Министерот за здравство Венко Филипче го осуди ова поведение на дел од неговите колеги

Владата почнува масовна кампања за подигање на јавната свест за вакцинација, откако антивакциналните дезинформации и наративи сериозно го контаминираа јавниот простор и социјалните мрежи.

И лекари се антиваксери и постојано на социјалните мрежи манипулираат со јавното мислење, изнесувајќи грешни толкувања на научни студии и обесхрабруваат да се прими вакцина. Министерот за здравство Венко Филипче го осуди ова поведение на дел од неговите колеги.

-Граѓаните што шират лажни вести мора да имаат предвид дека со тоа се загрозува јавното здравје и тоа може да значи оптоварување на болниците и преидизвикување да не се вакцинираат граѓаните.  Тоа е сериозна работа. Имаме сериозен проблем во болниците. На протестите не сме слушнале некоја издржана контрааргументација освен навреди  и закани. Има и голем број граѓани кои се вакцинираат, па и тоа е сериозен глас на граѓаните. За медицинските лица кои изнесуваат вакви тврдења, Лекарската комора сериозно ги анализира овие написи и ќе излезе со свој став, рече Филипче одговарајќи на прашањето на Слободен печат.

Во меѓувреме, анализите покажуваат дека во Охрид, Битола и во Гевгелија, каде што има висок број на вакцинирани граѓани, нема многу заразени и починати од ковид, за разлика од Тетово и Гостивар, каде вакциналниот опфат е низок. Во Тетово хоспитализирани се над 110 лица, во Гостивар 90, во Струга 36 а во Кичево 40.

На стартот на учебната година, нема планови како во Британија или во Франција да се тестираат децата трипати неделно со бесплатни тестови.

За да се постигне колективен имунитет, треба да се вакцинираат 80 проценти од граѓаните, а министерот Филипче смета дека актуелните мерки треба да останат на сила за да се зголеми колективниот имунитет. Според него, антителата на прележаните граѓани штитат но само во одреден период а потоа нивниот ефект се намалува.

-Препораката на СЗО дека имунитетот од вакцината е подолготраен и поефикасен.Сакаме да постигнеме граѓаните што порано се вакцинираат дури и после прележувањето. За што порано се стекнат со подолготраен имунитет. Така постигнуваме прележаните да стекнат подолготраен имунитет но и го штитиме здравствениот систем. На прележаните, ако им паднат антителата, пак ќе бидат ризична категорија на граѓани. Со оваа мерка сакаме прележаните за што пократко време им се развие вакцинален имунитет и да го заштитиме здравствениот систем, рече Филипче.

Тој повика и младите да се вакцинираат зашто и кај нив има тешки случаи.

Пандемијата донесе тага, не оддалечи од блиските, предизвика страв од губење на работните места. Ни го промени животот и светот. Кампањата носталгично потсетува на сите моменти на среќа, патувањата, средбите со семејството, одењето на работа и училиште со физичко присуство. Ќе не потсети што можеме да изгубиме ако не се избориме со вирусот. Апелирам граѓаните да се вакцинираат. Само така се заштитувате себеси, луѓето што ги сакате и целата заедница. По вакцинацијата потребно е време за имунолошкиот систем да одговори, а тоа се неколку недели, додаде министерот.

Стартот на кампањата ,,Вакцинирај се” според премиерот Зоран Заев ќе значи борба со дезинформациите.

Се наоѓаме во критична фаза поради мутациите од вирусот. Овие мутации со четвртиот бран во кој сме и антиваксерското дезинформирање на населението, укажуваат на потребата да се почне кампања.  Сите мораме да сфатиме дека вакцините се единствениот спас од тешка форма и смртен исход. Граѓаните мора да имаат точни, проверени стручни информации за вакцините за да се поттикнат промени и да се запре прогресот на пандемијата. Новиот пик и делта сојот поврдуваат дека мерка што дава резултати е масовната имунизација на населението. Новите мерки даваат ефект. Откако се најавија мерките имаме повеќе вакцинирани. Вакцините се безбедни и ефикасни. Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста и се намалува шансата од смртен исход. За да го поттикнеме овој тренд и да ги охрабриме граѓаните масовно да се вакцинираат за да ги видиме повторно насмевките без маски и прегратките. Да ја прифатиме кампањата вакцинирај се за безгрижно детство и среќни училишни денови. Да се стави под контрола бранот. Повикот вакцинирај се е за да се вратат и артистите на сцените, во безбедни средини без да се грижиме дали ќе завршиме со вирус, во болница или полошо. Сите сакаме да се вратиме како публика во спортските арени. Ги забележуваме првите големи ефекти од мерките, зашто драстично порасна бројот на вакцинирани. Имаме еден милион и 160 ијади аплицирани дози. Вакцини има доволно од сите производители и количините се надополнуваат со нови пратки. Само со вакцинација на населенито ќе го сочуваме колективното здравје. Ова е единствениот начин да ја дигнеме на нозе економијата, да ги одмориме лекарите и сестрите и болничарите. Вакцините се единствениот начин да спречиме губење на човечки животи, рече премиерот Заев.

Тој додаде дека смртните случаи и тешките форми на болеста се главно кај невакцинираното население.

Граѓаните немаат никакви компликации од вакцината без разлика за која се работи. Сакам да им упатам порака на антиваксерите. Протестот е уставно загарантирано право, но исто така и правото на здравје. Фактот што 90 проценти од новозаразените последната недела се навакцинирани и исто толкав процент од хоспитализираните, е недвосмислена потврда за ефикасноста. Ниту еден граѓанин кај нас нема несакани ефекти кои се посериозни. Граѓаните да не веруваат на информации кои не се потпираат на вистини и факти. Секој глас за вакцина е глас за спас на живот. Вакцината е заштита на целата планета, рече Заев.

Видео на денот