Настанот ќе се одржи на 26 декември, со почеток во 19 часот, во КСП „Центар-Јадро“

Фестивалот „Крик“ ќе претстави практика на отпор и општествена преобразба преку „Театарот на угнетените“

Здружението на граѓани „Контрапункт“ и фестивалот за критичка култура „Крик“ организираат настан посветен на „Театарот на угнетените“ на Аугусто Боал – театарска и општествена практика која го спојува уметничкото дејствување со борбата за правда, солидарност и помирување. Настанот ќе се одржи на 26 декември (петок), со почеток во 19 часот, во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје.

Преку примери, практични интервенции и разговор, ќе се отвори простор за размислување за театарот како алатка за отпор, за јавно преиспитување на угнетувањето и за создавање можни алтернативи во реалниот живот. Театарот овде не е само претстава, туку процес – „проба за реалноста“ во која гледачите стануваат активни учесници.

Настанот отвора простор за заедничко промислување и дејствување околу теми што често остануваат невидливи или маргинализирани во јавниот дискурс, како што се:

– Родовото насилство како тивка последица на политичко-општествените конфликти, особено во периоди на транзиција и криза, кога насилството се нормализира, економската несигурност расте, а траумата се пренесува во секојдневниот живот;

– Замолчувањето на женските искуства во процесите на справување со минатото, каде страдањето и активната улога на жените ретко се признаени, а недостасуваат родово чувствителни архиви, истражувања и јавни политики;

– Потребата од интерсекциски и транс-етнички пристап во помирувањето, кој го препознава родовото и семејното насилство како системски, а не приватен проблем, и отвора простор за солидарност и заедничко дејствување надвор од етничките и општествените поделби.

Режисер и водител на настанот (Џокер) е Зоја Бузалковска. Во процесот играат Александар Степанулески, Ангела Пејковска, Лора Штарго и Мартин Мазнев. Визуелните интервенции се на Ѓорѓе Јовановиќ, додека технички продуцент е Павле Игновски.

Настанот е наменет за сите кои веруваат дека уметноста и културата можат да бидат средство за општествена преобразба, заедничко учење и колективно дејствување. Настанот е организиран во соработка со Форум цивилен мировeн сервис „ПроПис“ – Северна Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот