Фестивалот „Арт ареа“ е со видлив исчекор кон вмрежување на културната сцена

Четвртото издание на интермедијалниот фестивал „Арт ареа“ годинава го смени местото на одржување, и место во сега непостоечкиот простор на „Кино Култура“ се одржува во новоотворената кафе-книжарница „Буква“. Фестивалот беше отворен на 14 мај со изложба на фотографии од Јелена Белиќ, видеопромоција на „Пансион“ од Пјотр Пажињски и „Чекајќи го Боџенглс“ од Оливие Бурдо, како и со промоција на книгата „Турнеја“ од Сашо Огненовски, на која промотор беше Владимир Мартиновски. Фестивалот трае три дена, од 14 до 16 мај, во организација на издавачката куќа „Бегемот“.

– „Арт ареа“ е интермедијален фестивал што ја поттикнува и промовира современата парадигма на интегративно и интерактивно културно дејствување. Фестивалот ја пресретнува градската потреба за формирање и одржување зони на пресек на различните културно-уметнички полиња, во поглед на авторската работа и на рецепцијата на публиката, трудејќи се да воспостави силна и плодотворна врска меѓу одделните „соби“ на културата. Со тоа, како фестивалски тим сакаме да направиме видлив исчекор кон вмрежувањето на културната сцена и да ја поткренеме свеста за нејзината разнообразност, но и за можностите таа да прави нови и неочекувани преплети преку конкретни изведби, публикации, поставки и експерименти.

Фестивалот е особено насочен кон откривањето на новото во урбаната култура и се труди да воспостави платформа за иновативно делување што потенцијално би ги збогатило културните содржини во градот и би привлекло нови учесници во живата градска култура. Годинава „Арт ареа“ се одржува во дворот на кафе-книжарницата „Буква“ во центарот на Скопје, а на наше задоволство, оваа година фестивалот го препознаа и го поддржаа „Креативна Европа“, Министерството за култура на Северна Македонија и Градот Скопје, што е доказ за важната позиција што ја изгради во културната сфера – истакнува Филип Димевски, уредник на издавачката куќа „Бегемот“.

Според програмата, на 15 мај ќе се одржи Базар на ракотворби на Македонското студентско етнолошко друштво (МСЕД) и социјалното претпријатие „Еснаф“, во 18 часот следува промоција на „Непозната Македонија“ од Васко Марковски, со модерирање на Александра Јуруковска, а во 20 часот ќе се одржи ВИС Тркалезна маса и поетско читање на младите поети на „ПНВ Публикации“ (Андреј Ал-Асади, Викторија Ангеловска, Димитар Арнаудов, Павлина Атанасова, Ива Дамјановски, Диме Данов, Ивана Јовановска, Благица Трајкоска, Исток Улчар, Љубица Шопова).

Во недела програмата почнува со „Сказнувалка“ и видеопромоции на книги за деца, во 18 часот е промоцијата на книгата „Скопскиот дервиш“ од Виктор Трајановски, додека во 20 часот ќе почне проекцијата на македонски кратки играни филмови 2019-2020 („Ќе му се јавам на татко ти“, Леон Ристов; „Farmer’s Blues“, Ибер Деари; „Вера“, Верица Недеска; „Без љубов“, Дина Дума).

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 80, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 15-16 мај 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот