Фестивал на анимиран филм: „Флипбук филм фестивал“ го почнува своето патување

Првото издание на Фестивалот за европски авторски анимиран филм „Флипбук филм фестивал“ (Flipbook Film Festival) во хибридна форма ќе се одржи од 7 до 13 август 2020 година. Првично најавениот термин од 7 до 9 август, поради нестабилните временски услови овие денови е продолжен до 13 август, а филмови на отворено во паркот кај МКЦ ќе може да се гледаат од 11 до 13 август.

Од пристигнатите повеќе од илјада кратки филмови од цела Европа, беа селектирани вкупно 87 филмови во три натпреварувачки програми и панорама на европскиот анимиран филм. Во главната селекција на најдобар анимиран филм ќе се натпреваруваат 27 наслови, а меѓу нив се најдобрите европски остварувања, како „Ќерка“ на режисерката Дарија Кашчеева, кое има освоено награди на Санденс, Анеси, Торонто и беше номиниран за Оскар минатата година, „Мистер Маре“ на унгарската режисерка Лука Тот, со селекција на Берлинале и Сараево филм фест, „Шит хепенс“ (Sh_t Happens), прикажан на фестивалот во Венеција и на Санденс, португалскиот „Пурпурно момче“ итн.

Во категоријата за најдобар студентски анимиран филм ќе се натпреваруваат вкупно 25 филмови. Оваа категорија е посебно интересна, бидејќи авторите не се оптоварени со буџети, продуценти и фондови, филмовите ги прават за време на своето студирање на европските филмски академии и можат да си дозволат целосна авторска слобода и ентузијазам. Ќе бидат прикажани филмови од хрватската школа („Кукпера“ на Ката Гугиќ), чешката (The Kite), белгиската со наградуваниот филм „Баланс“ на Тимоти Крабе.

Новина за македонската публика е натпреварувачката селекција на анимиран документарен филм, хибридна филмска форма која во последните десетина години зазема сѐ позначајно место во изразот кај многу документаристи и аниматори. Меѓу другите наслови, ќе бидат прикажани хрватскиот „Мачката е секогаш женско“, германските „Лицето на Карлота“ и „Иктамули“ и други.

„Флипбук филм фестивал“ е замислен како настан за промовирање на уметноста на современиот европски авторски анимиран филм, но и за промовирање македонски авторски и студентски филмови. Така, во главната и студентската селекција ќе бидат прикажани дури осум македонски анимирани филмови, повеќето премиери за македонската публика.

Во фестивалските денови ќе има можност, меѓу другите, да ги гледаме новите филмови на Иван Андреевски, Вук Митевски, Владимир Лукаш и студентските филмови на Сандра Јовановска и Кристијан Савиќ.

За наградите од секоја од трите селекции ќе одлучуваат Катрин Новаковиќ, хрватска авторка на анимиран филм, Кристина Стојановски, македонска режисерка на анимиран филм која живее и работи во Германија, и Гоце Господиновски, професор по анимиран филм во Скопје.

Покрај физичкото издание на фестивалот, со бесплатни филмски проекции и изложба на цртежи од анимирани филмови на отворено во паркот на Младинскиот културен центар, поради ситуацијата со коронавирусот, „Флипбук филм фестивал“ ќе има и онлајн издание. Од 7 до 13 август македонската публика ќе има можност бесплатно, на платформата „Синесквер“, да ги гледа сите филмови, да гласа и да ја додели наградата за Најдобар анимиран филм од онлајн публиката, а ќе бидат одржани и онлајн работилници за сценарио, продукција и постпродукција на анимиран филм.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 42, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 4 август 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот