Фазлагиќ: Да веруваме дека можеме да бидеме првопласирани во групата

Се кројат тактичките планови за дуелите со Грузија и Бугарија/фото: ФФМ

Македонската А репрезентација се подготвува за двата нови натпревари во Лигата на нации, на 23 септември во Тбилиси против Грузија (18.00 часот) и на 26 септември во Скопје против Бугарија (20.45 часот).

Потсетување дека влезниците за мечот на Националната Арена „Тодор Проески“ – Скопје меѓу Македонија и Бугарија се веќе пуштени преку продажната мрежа на „МКТикетс“.

Избраниците на селекторот Благоја Милевски се подготвуваат на Тренинг центарот „Петар Милошевски“, а меѓу нив е и играчот на словачкиот клуб Дунајска Стреда, Енис Фазлагиќ.

– Мораме да веруваме дека можеме да бидеме првопласирани во групата, реално е да одиме на победа против Грузија и Бугарија. Грузијците се квалитетен противник, тоа го покажаа во Скопје (0-3). Максимално треба да се подготвиме за мечот како што треба. Ги сакаме трите бода и мислам дека со наш добар пристап можеме да ја оствариме целта. Треба максимално да сме фокусирани доколку сакаме да триуфираме. Секако, треба да бидеме поконкретни, нормално, треба да постигнуваме голови и на тој начин сè ќе биде во ред – вели Фазлагиќ.

Годинава Фазлагиќ годинава го имаше дебито во сениорскиот дрес во победата над Гибралтар.

Македонија останува во трката за првата позиција која носи промоција во Лигата „Б“ и плеј-оф за пласман на Европското првенство 2024.

Најпрвин мора да се победи Грузија со три голови разлика, па да се оди на каков било триумф против Бугарите. Во наш прилог оди и победа од два или помалку разлика во Тбилиси, но во таков случај Гибралтар треба да ни направи „услуга“, односно да не биде биде поразен во последното коло против грузиската селекција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот