Европската банка за обнова и развој ќе инвестира во македонската енергетика
Новата Стратегија за Северна Македонија за периодот 2025 – 2030 година, која има за цел да ги адресира предизвиците со кои се соочува земјата и да го зајакне одржливиот развој била една од главните теми на состанокот меѓу министерката за енергетика и рударство и минерални суровини Сања Божиновска и претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД).
Препорачано
Како што соопштија од Министерството, на состанокот биле разгледани и можностите за продлабочување на соработката и поддршката во насока на зелената транзиција и одржливиот развој на Македонија.
– ЕБРД, како главен институционален инвеститор во земјата, ја реафирмираше својата посветеност за поддршка на реформите во инфраструктурата и енергетиката. Особен фокус беше ставен на можностите за зголемување на инвестициите во обновливи извори на енергија, модернизација на енергетската мрежа и унапредување на прекуграничната поврзаност – се вели во соопштението.
Европската банка за обнова и развој досега има инвестирано над 2,9 милијарди евра во 196 проекти во Македонија, со акцент на енергетската транзиција, инфраструктурата и зголемување на ликвидноста на енергетскиот пазар.


