Европа ги подзатвора вратите за мигрантите: нов пристап и побрзи враќања
Европските земји се движат кон построг пристап во миграциската политика, откако 46 членки на Советот на Европа усвоија декларација со ново толкување на Европската конвенција за човекови права во миграциски случаи, објави „Асошиејтед прес“.
Препорачано
Документот беше усвоен на состанок на министрите за надворешни работи во Кишињев, Молдавија, и доаѓа во период кога сè повеќе европски влади бараат побрзи процедури за враќање на мигрантите кои немаат право на престој.
Во декларацијата се нагласува дека државите имаат „неспорно суверено право“ да го контролираат влезот и престојот на странски државјани, но во согласност со Европската конвенција за човекови права.
Најчувствителниот дел е можноста земјите што се соочуваат со голем миграциски притисок да разгледуваат нови модели, меѓу кои и отворање центри во трети земји за мигранти кои немаат право на престој.
Таквиот модел веќе го отвори Италија, која минатата година испрати неколку десетици мигранти без право на престој во центар во Албанија. Тоа беше прв случај земја од Европската Унија да испрати одбиени мигранти во држава надвор од ЕУ која не е нивна земја на потекло, ниту земја низ која поминале. Лондонски „Тајмс“ во декември пишуваше и дека британската влада веќе преговарала со властите во Македонија за можно испраќање во земјава на мигрантите кои ќе бараат, но нема да добијат азил во Обединетото Кралство.
Организациите за човекови права предупредуваат дека ваквиот пристап може да ја ослаби заштитата на мигрантите и да создаде опасен преседан. Според нив, постои ризик луѓе да бидат вратени во држави каде би можеле да се соочат со тортура, нечовечко постапување или да останат без неопходна медицинска грижа.
Од „Амнести интернешнл“ оценија дека систем на човекови права во две нивоа, заснован врз миграциски статус, е удар врз основниот принцип дека човековите права се универзални.
Миграцијата во последните години стана една од најчувствителните политички теми во Европа, особено по растот на десничарските партии и притисокот врз владите да покажат поголема контрола врз границите.
Минатата година лидерите на Австрија, Белгија, Чешка, Данска, Естонија, Италија, Летонија, Литванија и Полска потпишаа отворено писмо во кое тврдеа дека сегашното толкување на Конвенцијата ги ограничува во протерувањето странски државјани осудени за кривични дела.
Европскиот комесар за миграција Магнус Брунер ја поздрави декларацијата како важен чекор кон „праведна и цврста“ миграциска политика.
Генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, изјави дека Кишињевската декларација ќе им помогне на националните власти и судовите во примената на европските стандарди.
Иако декларацијата не е правно обврзувачка, таа испраќа јасен политички сигнал дека Европа бара поцврст пристап кон нерегуларната миграција, додека организациите за човекови права предупредуваат дека цената на таквата политика не смее да биде слабеење на основните права.
Унгарија ги затвора вратите за работници од земји што не се во ЕУ


