Евро 2020 | Група Ц: Холандија е фаворит, македонските фудбалери предвреме „отпишани“!

Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI/EPA-EFE/MAURICE VAN STEEN/EPA-EFE/CHRISTIAN BRUNA/EPA-EFE/ROBERT GHEMENT

Утре официјално започнува Европското првенство, а ние продолжуваме со претставувањето на репрезентациите кои ќе учествуваат на континенталниот собир.

Во групата „Ц“ домаќини ќе бидат Букурешт и Амстердам, а покрај Македонија, ќе настапат уште селекциите, Холандија, Австрија и Украина.

На прв поглед најголеми шанси за првото место во оваа група им се даваат на Холанѓаните, кои со децении се на врвот на европскиот и светскиот фудбал. Но, тие повеќе не се „лалињата“ како порано кога беа предводени од Ван Бастен, Гулит и Рајкард. Беа европски шампиони во 1988 година, а третопласирани во 1976, 1992, 2000 и 2004 година.

За втората позиција, на хартија, битката треба да ја водат репрезентациите на Австрија и Украина, додека „аутсајдер“ во оваа група е Македонија, која дојде на Евро благодарение на Лигата на нациите. А, првиот историски настап може да биде голем мотив за играчите на селекторот Игор Ангеловски, па затоа ќе биде исклучително интересно да се види што ќе се случува во оваа група.

ВАЖНО: Првопласираниот од групата Ц во осминафиналето ќе игра против третопласираниот од групата Д, Е или Ф, додека второпласираниот ќе игра против првопласираниот од групата А. Евентуално третопласираната репрезентација од оваа група би играка против победникот од групата Ф.

– ХОЛАНДИЈА

Холандската репрезентација ги пропушти последните две големи натпреварувања и Евро 2020 ќе биде нивна шанса да им возвратат на своите навивачи со уште подобри резултати.

Предноста на оваа селекција е што ќе игра натпревари во својата земја, а селекторот Франк де Бур ќе може да смета на сите играчи, освен на повредениот дефанзивец на Ливерпул, Вирџил ван Дајк.

Први sвезди на тимот се поранешните играчи на Ајакс, Френки де Јонг и Матијас де Лихт, како и напаѓачот на Лион, Мемфис Депај, и „лалињата“ благодарение на второто место во групата Ц во квалификациите со два бода помалку од Германија обезбедија пласман на ЕП.

– УКРАИНА

Селекторот Андриј Шевченко успеа да направи одличен тим и да избори пласман на Евро 2020. Украинците дојдоа на овој настан благодарение на одличните квалификации во кои го зазедоа првото место во групата Б пред Португалија, а на крајот имаа три бода повеќе од актуелниот европски шампион.

Во одбраната го имаат Олександр Зинченко кој со Манчестер сити сезонава ја освои Премиер лигата, а во центарот на вниманието се очекува да биде и напаѓачот на Вест хем, Андриј Јармоленко. Според најавите повредени се Јевхен Конопљанка и Виктор Коваленко. На ЕП во 2012 и 2016 година своите настапи Украинците ги завршуваа во групната фаза.

– АВСТРИЈА

Австријците стигнаа до ЕП благодарение на второто место во квалификациите, во групата Г освоија 19 бода, шест помалку од Полска и пет повеќе од Македонија. Австрискиот тим се состои претежно од играчи од германската Бундеслига, како и од домашното првенство, а главни sвезди се Давид Алаба, Марсел Сабицер и Марко Арнаутовиќ.

На неодамнешниот контролен натпревар, Австрија беше поразена од Англија со 1:0, а претходно атмосферата во тимот делумно ја расипа тешкиот пораз од Данска со резултат 4:0 во квалификацискиот натпревар за СП 2022 година. И покрај тоа, претходно ја освои групата 1 во Лигата на нациите (Б) и се избори за промоција во повисок ранг.

– МАКЕДОНИЈА

Репрезентацијата на Македонија обезбеди историски пласман на Европското првенство преку УЕФА Лигата на нации, и ова ќе биде нејзино прво појавување на ова големо натпреварување. За славје и победа против Грузија во Тбилиси во решавачкиот натпревар се погрижи најдобриот стрелец на А селекцијата Горан Пандев, чиј настап на Евро најверојатно ќе биде врв во неговата кариера.

Асистентот на тој погодок во Тбилиси, Илија Несторовски нема да настапи на ЕП поради повреда, а радосна вест беше враќањето на Енис Барди во тимот после негативниот тест на ковид-19.

Фото: ФФМ

Се очекува важна улога во текот на ЕП да има екстра талентот на Наполи, Елиф Елмас, потоа Барди се надеваме дека од слободни удари ќе ги тресе противничките мрежи, Езџан Алиоски кој во контролните дуели месецов покажа дека е во одлична форма по сезоната со Лидс во Премиер лигата. Значаен придонес може да даде и играчот на Динамо Загреб, Аријан Адеми, тука се и талентираните Милан Ристовски и Дарко Чурлинов, а и одбраната со Стефан Ристовски, Кире Ристевски, Егзон Бејтулаи, Висар Муслиу се очекува повторно да биде на висина на задачата.

Одигравме два пријателски меча во Скопје, реми со Словенија (1:1) и победа над Казахстан (4:0), а амбициите за ова ЕП особено пораснаа по големиот триумф над Германија (1:2) во квалификациите за СП.

Популарните „рисови“ свесни дека ја имаат улогата на аутсајдер, и дека веќе предвреме се „отпишани“ од многу фудбалски „експерти“, нашите играчи ќе се обидат да докажат зошто се дел од европскиот крем и нема само да се задоволат со настап на ЕП, туку ќе се обидат да изненадат многу луѓе.

Барди: Едвај чекам да почне ЕП, не дојдовме тука да бидеме аутсајдери

ЕВРО 2020 –
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ ВО ГРУПАТА „Ц“

13 јуни
Австрија – Македонија (Национален стадион во Букурешт, 18.00 часот)
Холандија – Украина (Амстердам арена, 21.00 часот)

17 јуни
Украина – Македонија (Национален стадион во Букурешт, 15.00 часот)
Холандија – Украина (Амстердам арена, 21.00 часот)

21 јуни
Македонија – Холандија (Амстердам арена, 18.00 часот)
Австрија – Украина (Национален стадион во Букурешт, 18.00 часот)

ЕВРО 2020 I Васоски: Натпреварот со Австрија ќе биде клучен

ФОТО: Втор тренинг на македонските репрезентативци во Букурешт

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот