Ева Каили делумно призна вина: Низ дома ѝ поминувале куфери со пари, ама не знаела чии се

Фото: Ева Каили / Инстаграм

Европратеничката од Грција и довчерашна потпретседателка на ЕП, Ева Каили, во текот на актуелната истрага за корупција во Европскиот парламент признала дека побарала од нејзиниот татко да скрие дел од парите кои подоцна биле пронајдени во нејзиниот дом.

Каили беше уапсена на 9 декември, истиот ден кога беше уапсен нејзиниот татко со актовка полна со кеш. Се посочува дека тој носел околу 600 илјади евра, додека кај Каили се најдени околу 150 илјади евра, кога беше претресен домот на европратеничката.

Каили веќе признала дека побарала од нејзиниот татко да скрие дел од парите, кои потоа биле пронајдени во нејзиниот дом. Медиумите пишуват дека таа му кажала на истражниот судија Мишел Клиз дека била свесна за минатите односи на нејзиниот сопруг со поранешниот европратеник Пјер Антонио Панцери и оти низ нејзиниот стан поминале куфери со пари.

Фото: Ева Каили / Инстаграм

Белгиските медиуми претходно објавија дека признание дал и сопругот на Каили, Франческо Џорџи. Тој признал дека е дел од организација што ја користат Мароко и Катар за мешање во работите на Европската унија. Во своето признание, Џорџи тврдел дека неговата улога во организацијата била да раководи со парите.

Според белгиските и италијанските медиуми, и Панцери делумно признал корумпираност и дејствување во интерес на Катар и на Мароко. Во своите признанија тој споменува дека европратеникот Марк Тарабела добивал подароци од Катар.

Белгиското федерално обвинителство и адвокатите на инволвираните во скандалот одбиваат да ги коментираат овие тврдења.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот