„Еурактив“: Македонија се спрема за климави врски со ЕУ, откако националистите победија на изборите

Фото: Слободан Ѓуриќ/Слободен печат

Северна Македонија се движи на курс да влезе во судир со соседите Грција и Бугарија, откако националистичката опозиција победи на парламентарните и на претседателските избори на 8 мај, пишува „Еурактив“ во својата анализа. Во неа се додава дека успехот на националистичката партија веројатно ќе има големо влијание врз сонот на Македонија за пристапување во Европската Унија. Аналитичарот за Источна и Централна Европа, Марио Бикарски за „Еурактив“ вели дека „пристапувањето во ЕУ нема значително да напредува под потенцијалната влада на ВМРО-ДПМНЕ“.

Мицкоски одби да го признае новото име на земјата и историскиот договор со Грција во 2018 година, со кој се додаде „Северна“ во името за да се реши долгогодишниот спор. Ова ѝ овозможи на земјата да се приклучи на НАТО. Опозицискиот лидер, исто така, вети дека ќе заземе цврст став во кавгата со Бугарија околу јазичните и историските прашања поради кои Софија ги блокираше преговорите за пристап на Северна Македонија во ЕУ во последните две години, додава „Еуроактив“.

ВМРО-ДПМНЕ оствари голема победа, во ноќта во која балканската земја ја избра и првата жена шеф на државата.

Стотици радосни симпатизери на опозициската централно-десничарска партија ВМРО-ДПМНЕ храбро му се спротивставија на дождот пред нивното партиско седиште во центарот на Скопје, веејќи национални и партиски знамиња и играјќи на народна музика, пишува „Еурактив“.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пред насобраните граѓани испрати порака дека ова е историска победа на народот. Изборните резултати го натераа претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски да го признае поразот.

Резултатите се разочарувачки и ова е голем удар за СДСМ, изјави Ковачевски на прес-конференција на која повика на внатрешни избори во партијата.

Бугарија побара од Македонија да го промени Уставот и да го признае бугарското малцинство. Во 2022 година, Бугарија се согласи на предлогот на тогашното француско претседателство со Советот на ЕУ за укинување на ветото за почеток на пристапните преговори на Скопје, тогаш кога Северна Македонија ќе го додаде бугарското малцинство во Уставот на земјата.

Владејачката СДСМ беше подготвена да ги направи измените, но немаше доволно гласови за да победи во парламентот. Предизборниот билет на ВМРО-ДПМНЕ беше отпорот за измена на Уставот. Гласачите во балканската земја со 2 милиони жители се разочараа и од бавниот напредок за пристап кон Европската Унија, која беше дочекана со оптимизам во 2005 година, но оттогаш стана амблем на изгубеното ветување на Северна Македонија. Постојната корупција и бавниот развој, исто така, ги налутија гласачите и ги натераа да гласаат против владејачката партија, пишува „Еурактив“ во својата анализа.

Во вториот круг гласање за претседател, Гордана Сиљановска-Давкова, универзитетска професорка која беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, убедливо го победи актуелниот претседател Стево Пендаровски поддржан од СДСМ. Сиљановска-Давкова имаше 65 отсто од гласовите наспроти 29 отсто за Пендаровски, со преброени повеќе од 87 отсто гласови.

Се запрашав, зошто заслужив таква чест? Наградата е бесценета за мене, ова е огромна одговорност, изјави претседателката на државата, професорката Гордана Сиљановска Давкова.

Во анализата се додава дека во пресрет на изборите Мицкоски употребуваше сè поагресивен јазик кон најголемата албанска партија во земјата ДУИ, предизвикувајќи вознемиреност дека реториката може да ги поткопа кревките меѓуетнички односи.

„Кога и да ја кажам вистината, тие ја искривуваат како напад врз Албанците“, цитиран е Мицкоски во анализата. 

Албанците сочинуваат повеќе од една четвртина од населението во земјата од 1,8 милиони граѓани, а лидерот на ДУИ Али Ахмети водеше краток вооружен бунт за поголеми права на Албанците во 2001 година, кога НАТО ја повлече поранешната југословенска република назад од работ на граѓанска војна.

Од прогласувањето независност од Југославија во 1991 година, последователните влади го следеа непишаното правило дека партијата на етничките Албанци мора да биде вклучена во владината коалиција. ДУИ, заедно со сојузот на малцинските партии, се чини дека ќе освои најголем број албански гласови и покрај тоа што Мицкоски ги критикуваше нејзините водачи за наводна корупција. Центарот на главниот град Скопје е преполн со недовршени или празни бетонски и мермерни згради подигнати за време на последниот мандат на ВМРО-ДПМНЕ, кој заврши кога СДСМ ја презеде власта во 2017 година. Концертната сала што изгоре пред неколку месеци чека реновирање, додава Еурактив во анализата.

Во неа се додава дека некои градови во Македонија се меѓу најзагадените во Европа поради употребата на јаглен и старите автомобили. Се споменува и дека голем дел од младите се иселија во странство во потрага по подобар живот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот