ЕУ во Брисел ги „попари“ Бугарите

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Она што остави силен белег беше јавната најава на официјалниот спикер дека говорот на Вархеи ќе се преведува и на МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК.

Вчера во Брисел Комесарот за проширување и добрососедска политика Оливер Вархеи го презнтираше извештајот за напредокот и на Македонија во постигнувањата на задачите кои земјата ја доближуваат до Унијата. Извештајот беше генерално добар. Имаше таму и пофалби, но и критики и упатства кои ќе треба да се исполнат за понатаму.
Но она што остави силен белег на самата презентација во големата сала на Европската Комисија во присуство на голем број новинари од сите европски земји, вклучувајќи и од Бугарија беше јавната најава на официјалниот спикер дека говорот на Вархеи ќе се преведува (покрај повеќето јазици), и на МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК.
Имајќи ја предвид целата заврзлама со бугарското негирање на се што е македонско, оваа јавна најава „дека за ПРВ ПАТ“ ќе има превод и на македонски јазик, како да беше упатена токму за нив, како ставање до знаење дека тоа прашање таму во ЕУ е ОДАМНА РЕШЕНО.
Не бев таму, но ми се чини дека Бугарите и оние во салата, но и сите што не биле таму, а слушнале за тоа, биле „ПОПАРЕНИ“. А ехото од спикерот верувам дека им ги дупна ушните тапанчиња на сите бугарски политичари дури во Софија, кои дење-ноќе со декрет ја преправаат својата историја, но и историјата на Македонците, влегувајќи во такви дубиози и противречности од кои нема да можат да излезат, а кои некогаш ќе бидат срам за целата научна и интелектуална елита на Бугарија.
Дали со оваа мала европска итроштина „за прв пат“, Европската Комисија им ја тресна вратата пред нос на бугарските унилатералани барања за вметнување на синтагмата „бугарски јазик“ или „официјалниот јазик“ на државата Северна Македонија во преговарачката рамка, останува да се почека. Но не за долго, затоа што и самиот Вархеи е оптимист дека до крајот на годинава Макдонија ќе ги почне преговорите со ЕУ.
На ова „освестување“ на Бугарија и претходеше уште една „политичка шлаканица“ од страна на Советот на Европа кога ги повика бугарските власти да запрат со поставувањето пречки за регистрација на здруженија на етничките Македоци, кои се борат за признавање на македонското малцинство во Бугарија.
Пораките од Европа се чини тешко допираат до официјална Софија, но научната јавност полека почнува да се буди. Триесетина бугарски историчари, научници, универзитетски професори и јавни личности со заедничко писмо до јавноста, насловено „Европа не нè разбира“, се изјаснија против меморандумот што Софија го испрати до земјите-членки на Европската Унија (ЕУ) и во кој се изнесени сериозни тврдења и црвени линии на патот на Македонија кон ЕУ.
Потоа и Бугарската Академија на науките се спротивстави на предложената промена на одбележувањето на 24 мај само како бугарски.

„Предложената промена ја истакнува само улогата на Бугарија во зачувувањето на делото на Кирил и Методиј и го прикрива сесловенското и европското значење на Светото просветителство“, намалувајќи го „24 Мај“ само на национален празник, но не и на ден кој потсетува на меѓународното и универзалното значење “

Оливер Вархеи кој и лично се залага за интегрирање на Балканот во ЕУ , денеска е тука за лично да им го врачи извештајот на македонските власти. Но тој, освен извештај носи и порака која ја обзнани уште вчера за детален план за Западен Балкан со кој се предвидува дури девет милијарди инвестиции во регионот.
Европа можеби многу бара, но е подготвена и многу да даде. Некогаш многу повеќе одошто севкупниот прилив на директни странски инвестиции за кои сите влади сакаат да се пофалат дека ги обезбедиле.
Прашањето е колку сме подготвени од тие средства да искористиме во регионално поврзување.
Но за тоа повеќе-друг пат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот