ЕУ поделена околу нафтените санкции за Русија

Знамиња на Европската унија / Фото: МИА

Министрите за надворешни работи на Европската унија денеска не се согласија околу тоа дали и како да воведат санкции за профитабилниот енергетски сектор на Русија поради нејзината инвазија на Украина, при што Германија рече дека блокот е премногу зависен од руската нафта за да одлучи за ембарго, пишува Ројтерс.

ЕУ и сојузниците веќе воведоа мноштво мерки против Русија, вклучително и замрзнување на имотот на нејзината централна банка.

Руската опсада и бомбардирањето на пристаништето Мариупол, кое шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел го нарече „масовно воено злосторство“, го зголемува притисокот за акција на Унијата.

Но, таргетирањето на руската нафта, како што направија САД и Велика Британија, е причина за поделба меѓу 27-члената ЕУ, која се потпира на Русија за 40% од својот гас. Некои членки тврдеа дека ЕУ повеќе не може да избегне таков чекор.

„Гледајќи го степенот на уништувањето во Украина во моментов, многу е тешко да се тврди дека не треба да се движиме кон енергетскиот сектор, особено нафтата и јагленот“, рече ирскиот министер за надворешни работи Сајмон Ковени пред состанокот на колегите, повторувајќи ги коментарите од балтичките земји.

Но, Германија и Холандија рекоа дека ЕУ е зависна од руската нафта и гас и тоа не може да се прекине веднаш.

„Прашањето за нафтено ембарго не е прашање дали го сакаме или не, туку прашање на тоа колку зависиме од нивната нафта“, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок за новинарите.

„Германија увезува многу (руска нафта), но има и други земји-членки кои не можат веднаш да го запрат увозот на нафта, па наместо тоа, треба да работиме на намалување на зависноста од Москва за нејзините енергетски потреби“ додаде таа.

Дипломатите предупредија дека енергетиката е еден од најкомплексните сектори за санкционирање бидејќи секоја земја од ЕУ има свои црвени линии. „Санкциите се експоненцијални“, рече еден дипломат. „Колку подалеку одите, толку е потешко да ги усвоите“.

Кремљ: Ембарго на руската нафта директно ќе ги засегне сите

Европа поделена

Дипломатите рекоа дека рускиот напад со хемиско оружје во Украина или тешкото бомбардирање на главниот град Киев може да биде поттик за енергетско ембарго.

Тие рекоа дека додека некои земји сакаат ембарго на нафтата, Германија и Италија, кои зависат од рускиот гас, се повлекуваат поради веќе високите цени на енергијата. Санкциите за јагленот за некои се црвена линија, вклучително и Германија, Полска и Данска, додека за други, како што е Холандија, нафтата е недопирлива.

Самата Москва предупреди дека таквите санкции би можеле да ја поттикнат да го затвори гасоводот кон Европа – уште една потенцијална пречка.

Не се очекуваше одлука за потенцијални енергетски санкции на состанокот на министрите за надворешни работи, прв од напорната недела разговори во Брисел.

Американскиот претседател Џо Бајден во четврток пристигнува на разговори со 30-те членки на НАТО на трансатлантската алијанса, ЕУ и форматот на Групата седум (Г7), вклучително и Јапонија, дизајниран да го заостри одговорот на Западот кон Москва.

Кремљ досега не беше поттикнат да го промени курсот во Украина со санкциите на ЕУ, вклучително и за 685 Руси и Белоруси и за руските финансии и трговија.

Петтата рунда санкции треба да вклучи повеќе имиња на црните листи на ЕУ.

Исто така, министрите за одбрана денеска требаше да разговараат за новата воена стратегија „стратешки компас“ за прилагодување на ЕУ за променливата геополитичка реалност. Документот е изменет за да се зајакнат деловите поврзани со Русија, рече претставник на ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот