ЕСЕ: Сè уште нема организиран скрининг за рак на грло на матка, бараме итно зголемување на буџетот за рана детекција и зголемена едукација

Лекар/ Фото: МИА

Во месецот посветен за борба против ракот на грлото на матката, потсетуваме дека Владата го намали буџетот за Програмата за рана детекција на малигни заболувања за 2023 година за 2 милиони денари во однос на 2022 година. Во земјава годишно умираат околу 40 жени од рак на грлото на матката, додека над 350 жени годишно се лекуваат на Универзитетската клиника за онкологија и се подложени на агресивни третмани со хемотерапија и зрачење поради тоа што болеста е откриена во напредна фаза. Поразително е сознанието дека сите овие смртни случаи и лекување со агресивни третмани може да се спречат, доколку промените бидат навремено откриени, велат од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.

Посочуваат дека и на крај од месец јануари Програмата за рана детекција на малигни заболувања сè уште не е објавена во Службен Весник на РСМ, што значи дека сè уште не се знаат ниту планираните активности, ниту целната возрасна група на жени кои треба да бидат опфатени со скринингот.

– Поради недоволните буџетски средства и несоодветната организираност во 2021 година со скрининг на рак на грло на матката опфатени се само 22 проценти од жените од целната возрасна група, што е многу далеку од опфатот во државите на Европската Унија кој изнесува над 75 отсто од жените. Во 2022 година Министерството за здравство го укина праќањето на покани до жените за да направат гинеколошки преглед со ПАП тест и ја воведе интернет платформата skrining.mk за жените сами да се пријавуваат за преглед со ПАП тест. Но се поставува прашањето дали оваа мерка претставува унапредување или уназадување на Програмата за скрининг. Согласно на изјавите од Министерството за здравство во 2022 година на само 12 194 жени им е направен ПАП тест по пат на закажан преглед преку интернет платформата, што претставува само 10% од целната возрасна група, додаваат од ЕСЕ.

Борјан Павлоски од Здружението истакна дека од спроведеното истражување на ЕСЕ, само 24 проценти од жените од руралните средини и 16 отсто од Ромките имаат можност самостојно да закажат гинеколошки преглед преку интернет.

– Закажување на прегледи по дигитален пат претставува особена пречка за ранливите категории на жени. Истражувањето кое го спроведе ЕСЕ во 2022 година покажа дека само 24% од жените од руралните средини и 16% од жените Ромки имаат потполна можност самостојно да закажат гинеколошки преглед преку интернет страна. На оваа состојба влијае можноста за пристап до интернет, пристап до дигитален уред, како и нивото на дигитална писменост, изјави Павлоски.

Со цел да се намали стапката на откривање на ракот на грлото на матката во напредна фаза и да се намали смртноста кај жените од ова заболување, од ЕСЕ побараа итно зголемување на буџетот на програмата за скрининг на ракот на грлото на матката, зголемени активности за едукација на жените, како и предвидување на посебни активности на ниво на заедница за зголемен опфат на жените од ранливите групи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот