„Епл“ го поддржува Гугл во критиките кон ЕУ
Технолошкиот гигант Apple ги поддржа критиките на Google кон регулаторите на Европската Унија во врска со предложените мерки што би барале од технолошките фирми да им дозволат на конкурентските услуги за вештачка интелигенција (AI) пристап до нивните платформи. Apple изјави дека предложените мерки на Европската комисија би можеле да ја загрозат приватноста на корисниците, безбедноста и перформансите на уредите, објави Ројтерс. Предлозите се дел од спроведувањето на Европскиот закон за дигитални пазари, кој има за цел да ја ограничи пазарната моќ на големите технолошки компании.
Препорачано
Google претходно предупреди дека на конкурентските услуги би можело да им биде дозволено да користат андроид апликации за извршување активности како што се испраќање е-пошта, нарачување храна и споделување фотографии, што според компанијата би можело да ги ослабне постојните заштити. Apple, чии оперативни системи за iPhone, iPad и Mac се исто така предмет на регулаторните барања на ЕУ, изјави дека предложените мерки имаат пошироки импликации за технолошкиот сектор.
Компанијата, исто така, го доведе во прашање пристапот на Европската комисија, велејќи дека регулаторот се меша во техничките решенија развиени од инженери од технолошки компании.


