ВИДЕО | „Не ја пуштам ќерка ми, смртта тоа не може да го поништи“: Емотивна исповед на Камелија, мајката на Фросина Кулакова
Емотивно и низ солзи за својата ќерка Фросина Кулакова зборуваше нејзината мајка Камелија Кулакова. Младата модна дизајнерка од Неготино трагично загина пред точно една година, на 29 јануари 2025, откако беше прегазена на пешачки премин во центарот на Скопје.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Фросина е моја ќерка и ни времето, па ни смртта тоа не може да го поништи. Јас продолжувам, и сите ние продолжуваме со неа, не без неа. Таа е во мојот глас, во моите мисли, во секој здив што боли, бидејќи љубовта не умира. Љубовта помеѓу мајка и ќерка не завршува со смртта. И јас, лично јас не ја пуштам, не заради тоа што не знам да се простам, туку поради љубовта која продолжува да живее во нас“, рече Камелија Кулакова во гостувањето на Утринската програма на телевизија Телма.
Вечерва, од 19 часот, во клубот „Станица 26“ во Скопје ќе се одржи донаторска вечер посветена на Фросина, на која ќе бидат изложени дела од македонски уметници и креативци, кои ќе се продаваат на хуманитарна аукција. Со овој настан започнува со работа Фондацијата „Фросина Кулакова“, основана од семејството Кулакови. Собраните средства ќе бидат наменети за обезбедување психосоцијална и правна поддршка за семејствата погодени од сообраќајни трагедии, активности за унапредување на безбедноста во сообраќајот и културата на одговорност, како и за поддршка на млади уметници и креативци.
Подетално за целта на овој настан и за Фондацијата, Камелија Кулакова зборуваше на телевизија Телма.
„Ќе работиме на едукативни активности за подобрување на јавната свест, работилници по училишта, по автошколи, за подигање на свеста за сообраќајната култура, за поголема безбедност за сите нас. Овој настан ќе биде презентација на оваа програма. Сакавме тоа да биде јавно, бидејќи ако за нешто бараме донации, треба да има и јавен отчет за тоа каде и како се искористени тие донации. Ја презентираме програмата на Фондацијата и ќе има донаторска вечер, аукција, за која има пријавено навистина многу дела. Над 50 дела имаме собрано веќе. Им благодарам на сите што донираа и тие станаa нишка од приказната за Фросина“, рече Камелија Кулакова.


