ВИДЕО | Еден миг ја згасна младоста, песна ја чува засекогаш: Слушнете ја баладата „Фросина“ во спомен на Фросина Кулакова
Денеска се навршува една година од трагичната смрт на Фросина Кулакова, 22-годишната модна дизајнерка чиј живот прерано згасна во сообраќајна несреќа во Скопје. Таа беше усмртена на лице место откако во неа удри автомобил управуван од млад возач, настан што ја вознемири јавноста и предизвика силна реакција и барање правда низ целата земја.
Препорачано
Во спомен на Фросина, денеска е објавена емотивната балада „Фросина“. Текстот е напишан од Огнен Неделковски, додека музиката и изведбата се дело на Александар Митевски.
Песната „Фросина“ не повикува на одмазда, туку на будење на општествената свест и на одговорноста што сите ја носиме, особено кога станува збор за безбедноста и заштитата на младите животи. Токму таа порака е и во сржта на мисијата на Фондацијата „Фросина Кулакова“, која по нејзината смрт активно работи на подигнување на јавната свест и превенција од вакви трагедии.
„Слушнете ја ‘Фросина’, балада во спомен на Фросина Кулакова, чија младост згасна на денешен ден 29 јануари минатата година.
Песната е емотивен подарок од авторите Александар Митевски и Огнен Неделковски за семејството Кулакови и Фондацијата ‘Фросина Кулакова’.
Напишана и родена во една доцна ноќ и во еден здив како демо снимка со текстот на Огнен и музиката и гласот на Александар.
‘Фросина’ нека биде спомен, парче светлина, капка утеха, поука за нацијата и лек за душата.
Да ја споделиме пораката, емоцијата и поддршката во пресрет на вечерашната донаторска вечер на Фодацијата ‘Фросина Кулакова’ во 19.00 часот“, стои во објавата на фејсбук-страницата на Дац и Александар.
Песната е објавена во пресрет на вечерашната донаторска вечер на Фондацијата „Фросина Кулакова“, која ќе се одржи во 19 часот, со цел Фросина да не биде заборавена.


