Експлозија на новиот звук ќе се случи на 13. „Здраво Млади“ во МКЦ

Надоаѓачкиот нов звук ќе експлодира на пет сцени во Младинскиот културен центар во Скопје на 23 септември, во рамките на 13. издание на фестивалот на нова и свежа музика „Здраво млади“.
Фестивалот „Здраво млади“ со текот на годините прерасна во вистинска музичка гордост на Младинскиот културен центар затоа што звучната свежина и младешка енергија што ја носи ги урива бариерите на познатото и публиката ја води во непознати музички предели.
Групите и артистите што настапуваат на „Здраво млади“ припаѓаат на таканаречениот надоаѓачки бран, а музиката што ја создаваат честопати не е невозможно да се смести во некој од досега познатите музички жанрови, или тоа не е можно со само еден збор.
Така ќе биде и на 13-тото издание на фестивалот на 23 септември, кога ќе настапат 20-ина групи и артисти од Европа на пет сцени во МКЦ, локациски распоредени во кино „Фросина“, Денсинг сала „25 Мај“, Џебно кино, Клуб МКЦ и плато пред МКЦ.

Во низата бендови што доаѓаат од цела Европа се „PVA“ од Лондон, „Маускович денс бенд“ од Амстердам, Војко В., хроматското пулсирачко спејс-дуо „Планет Опал“ од Италија, како и „Escape-ism“, YMNK од Франција, „Жива“ од Србија, Немања од Хрватска, „Џутко и плодови земје“ како крал на агро поп-панкот и мајстор за фешти, Јоланде Башинг, експлозивниот бенд „The OMY“ од Москва виа Белград.

На фестивалот ќе настапат и домашни состави. „Калата“ е бенд чиј правец се движи во т.н. светска или неофолк музика која влече паралели помеѓу источната и западна култура со акцент на традиционалната македонска музика. Оформени во 2018 година, „Калата“ започнуваат како дуо, додека останатите членови на бендот се приклучуваат по излегувањето на нивниот прв сингл. Бендот свири традиционални македонски песни во современ манир и на тој начин се приближуваат до новата публика.

На списокот се и „Доуп куќата“. Според многумина, најдобриот бој-бенд во живо. Составен е од неколку карактери и двајца емсиња кои се нашле зад школски. „Доуп куќата“ датираат од далечната 2017 година. Нивното колективно деби е во 2018 година, издавајќи го првиот хип-хоп футуристичен албум со наслов „3018“, или „датумот“. Две години подоцна, за време на ковид-периодот, го издаваат својот втор колективен албум – овој пат компилација продуцирана од Лукас Поматски со наслов „Сам дома“. Нивниот најнов албум е насловен „SUPERGRUB BOiBAND“, кој буквално растури по топ-листите и им донесе огромна слава.

Тука се и „Мај тиар“ (My Tear), кои настанаа кога бендот „Фонија“ едноставно го смени своето име. Причината беше новиот звук на групата што одеднаш прерасна од панк-рок во инди / њу вејв. Во речиси пет години постоење и двегодишна пауза, групата ги има зад себе песните „Остави ме да бидам“, „Последниот Дедо Мраз“ (заедно со Петар Младеновски од „Суперхикс“) и „Лаги шарени“, кои, исто така, дојдоа до првите места на топ-листите на популарните радиостаници во Македонија. Бендот го најави својот нов албум и материјал со ексклузивна изведба на надоаѓачкото издание на „Здраво Млади“. Диџеј Фиц ќе настапи со двајцата лојални помошници Ертунч Сали и Ајнур Касо, додека „СловоКулт Берлин“ во живо ќе презентира авант-гардна уметност во Скопје.
Овогодишното издание на „Здраво Млади“ е поддржано од Министерството за култура, Град Скопје, „Liveurope“, „Скопско Смут“. Мрежата „Liveurope“ е првата паневропска иницијатива која ги поддржува напорите на концертните сали во промоцијата на надоаѓачки европски артисти, а кофинансирана е од програмата „Креативна Европа“.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 196, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17.9.2023)