Експеримент од шеесеттите години објаснува зошто Панч не ја пушта својата „плишена мама“
Седуммесечниот Панч, мало мајмунче кое било отфрлено од својата мајка, ја разнежни јавноста откако на социјалните мрежи се појави видео на кое цврсто гушка плишена играчка, како да верува дека токму таа е неговата мајка, пишува „Еуроњуз“.
Препорачано
На снимката што брзо стана вирална, Панч постојано ја држи својата „плишена мама“, барајќи чувство на сигурност и утеха по разделбата. Трогателната сцена повторно го врати во фокус едно од најпознатите истражувања во историјата на психологијата – експериментите на американскиот научник Хари Харлоу од шеесеттите години.
Кон крајот на педесеттите и почетокот на шеесеттите години, Харлоу спровел серија истражувања врз макаки, со кои ја оспорил тогашната доминантна теорија дека бебињата се врзуваат за мајката првенствено поради храната.
Во неговиот најпознат експеримент, новородените мајмунчиња биле одвоени од биолошките мајки и им биле понудени две вештачки „сурогат-мајки“ – една од жица и дрво и друга обложена со мека ткаенина. Иако млекото било поставено кај „жичената мајка“, младенчињата најмногу време минувале гушкајќи ја меката фигура.
Заклучокот бил јасен: допирот и чувството на сигурност имаат поголема важност од храната. Таканаречената „утеха преку допир“ е клучна за здрав психолошки развој.
Истражувањата покажале и дека младенчињата кои растеле без мајка или без социјален контакт развивале сериозни проблеми во однесувањето – изолација, страв и потешкотии во социјализацијата.
Сликата на Панч како гушка плишена играчка, децении подоцна, како да ги потврдува заклучоците на Харлоу. Потребата од топлина, допир и емоционално засолниште е длабоко вкоренета кај приматите.
Според вработените во зоолошката градина, мајмунчето имало потешкотии да се социјализира со другите. Затоа му била дадена плишена играчка како „објект на утеха“, со цел да му помогне да се справи со анксиозноста и чувството на осаменост по отфрлањето од мајката.
Повеќе од 70 години по експериментите, науката и понатаму потврдува дека врската родител–дете е темел на здравиот развој – не само кај луѓето, туку и кај приматите.


