„Економист“: Македонија на третото место во светот по „прекумерна смртност”

Скопје, окомври 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Република Северна Македонија е на третото место по „прекумерна смртност“ на 100 илјади жители затоа што во статистиката на починати од ковид-19 до крајот на 2020 година се регистрирани 2.490 луѓе, но бројот на починати е всушност 5.690 за периодот од 1 април до 31 декември 2020 година, објави британското списание „Економист“.

Според анализата на „Економист“, во овој временски период од ковид-19 починале 2.490 луѓе во земјава, но имало вкупно 5.690 смртни случаи, за кои не може да се каже од што настанале. Пред нас се Перу и Русија, а по нас Бугарија, Литванија, Мексико, Србија, Еквадор и Молдавија.

Според „Економист“, бројот на починати како резултат на пандемијата со коронавирусот може да е уште поголем од официјалните статистики што здравствените власти секојдневно ги објавуваат и тоа благодарение на неколку причини. Прво, официјалните бројки не ги вклучуваат тие што починале, а пред смртта немале позитивен тест на ковид. Во земјите каде што има мал број тестирања или недостиг на тестови, ова може значајно да влијае врз статистиката, односно да послужи како начин на кој ненамерно се „кријат“ починатите од ковид-19. И второ, пандемијата им ги врза рацете на лекарите да третираат други здравствени состојби и ги обесхрабри луѓето да одат во болница и да бараат помош за други болести, што индиректно може да предизвика раст на смртноста од други болести.

Ако се земе бројот на починати во некое место од која било причина во одреден период, па се спореди со истиот период од други години,  ќе се добие нешто што се вика „прекумерна смртност“.

Во земјава завчера беше регистриран нов рекорд од 1.293 заболени од коронавирус за едно деноноќие, а беа регистрирани 24 смртни случаи. Од понеделник се очекува здравствените власти да ја преоценат состојбата со мерките што се преземаат за превенција и заштита од вирусот. Комисијата за заразни болести неделава одлучи да остане на ставот полицискиот час да трае од 22 навечер до 5 часот изутрина, меѓутоа притисокот врз болничките капацитети и ширењето на британскиот сој на коронавирусот во Македонија се опасна комбинација, која навестува заострување на мерките. Единствените вакцинирани засега се здравствените работници, кои работат во ковид-центрите, односно повеќе од 5.300 лица. Директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуге, за ТВ Телма рече дека вакцините преку КОВАКС-системот во државава ќе стигнат за неколку недели, не прецизирајќи точен датум. Здравствените власти се децидни дека презеле навремени чекори да склучат договори со буквално сите производители, но побарувачката од сите страни на светот ги притиснала производствените капацитети и вакцините едноставно да доцнат од таа причина.

– Владата на Република Северна Македонија стори сè што требаше, не само за вакцините, туку и за подготвеноста на здравствениот систем, да обезбеди соодветна обука и опрема. И нарачката за Северна Република Македонија веќе е направена, затоа сега станува збор за неколку недели. Во контакт сум со седиштето на УНИЦЕФ, како и со регионалната канцеларија да се стори сè што е возможно да се забрза процесот – истакна Ханс Клуге за ТВ Телма.

Според последната статистика на ИЈЗ, во земјава има 12.819 активни случаи на коронавирус. Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 71 нов пациент поради компликации од  вирусот. Вкупно 514 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.

Поради зголемениот број пациенти што имаат потреба од хоспитализација, отворен е и ковид-центарот на ТОАРИЛУЦ, на Клиниката за трауматологија. Во последното деноноќие, на Интерните клиники и на ТОАРИЛУЦ имало 24 приеми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот