Фото: „Еко-свест“

„Еко-свест“: Јаловиштата од рудикот „Саса“ се „темпирани бомби“

Еколошката организација „Еко-свест“ вели дека рудникот за олово и цинк „Саса“ е познат како најголемиот подземен рудник во Македонија. Но, посочуваат тие, неговите јаловишта се „темпирани бомби“ доколку не се одржуваат според највисоките светски стандарди.

Според „Еко-свест“, името „Саса“ кај екологистите и граѓаните на Источна Македонија секогаш буди сеќавања на една голема еколошка катастрофа.

„Што се случи во 2003 година? Таа година, ‘Саса’ предизвика хаварија која остави трајни лузни врз екосистемот: огромно количество рудничка јаловина (опасен отпад) се изли од јаловиштето (отпаден материјал кој останува по процесот на извлекување на минерали или метали од рудата во рударската индустрија). Токсичниот бран со голема брзина се спушти низ долината на реката Каменица. Сиот тој отпад заврши во езерото Калиманци, загадувајќи ги водата и седиментот со тешки метали. Загадувањето на подземните води резултираше со загадување на изворите кои се користат за водоснабдување на населението“, посочуваат од „Еко-свест“.

Оттаму нагласуваат дека во 2020 година имаше уште една хаварија.

„Во 2020та година во Каменичка река се излеа 3.000 метри кубни јаловишен песок и денес, водите во реката сè уште се матни. Еколошкиот инспекторат извршил вонреден инспекциски надзор. Предложена е спогодба со рудникот за прекршоци од трета категорија, која носи казна од 100.000 евра“, забележуваат од организацијата.

Со некотролираното истекување на јаловината, велат оттаму, доаѓа до загадување најпрво на површинските води во Каменичка Река, потоа на околното земјиште, на акумулираните води во езерото Калиманци, водите на реката Брегалница, а исто така и на подземните води во изданите кои се наоѓаат по течението на овие реки.

„Зошто е ова важно денес? Како најголем активен подземен рудник, ‘Саса’ мора да биде под постојан и најстрог надзор и мониторинг. Јаловиштата се ‘темпирани бомби’ доколку не се одржуваат според највисоките светски стандарди. Секој дефект или небрежност може повторно да ги затруе нашите реки и езера. Потребни се континуирани инвестиции во насока на превенција на загадувањето! Природата не заборава. Наша задача е да бараме да не се жртвува за профит!“, нагласуваат од „Еко-свест“.

Од „Еко-свест“ периодов континуирано алармираат за јаловиштата и депониите од стари индустриски објекти и рудници, кои се ставени во групата на „жешки еколошки точки“ на Македонија. Меѓу нив се и депониите од некогашниот рудник „Лојане“, за кој неодамна пишуваше и „Слободен печат“, како и токсичните остатоци од работата на ОХИС, од Топилницата во Велес и оние од „Југохром“.

Владата ќе бара нов концесионер за „Лојане“, откако стариот си замина без да ги исчисти отровите

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот