„Еко свест“: Државата да ги донесе потребните закони и да обезбеди помош за граѓаните да станат производители на енергија
Интересот за поставување на соларни системи кај домаќинствата е голем, но високите почетни трошоци, сложените административни процедури и недоволната информираност остануваат главни пречки за поголемо учество на граѓаните. Можноста за граѓаните да станат активни потрошувачи (просумери), кои ќе можат и да произведуваат, да складираат и да продаваат енергија, е реална по донесувањето на новиот закон за енергетика, но недостасуваат законите за обновливи извори на енергија и многу подзаконски акти кои овие закони ќе ги направат функционални, пренесува агецијата Мета.мк.
Препорачано
Овие теми беа во фокусот на регионалната конференција „Граѓанска енергија: регулатива, практики и искуства од регионот“, што се одржа во Скопје во организација на „Еко-свест“ од Скопје и Центарот за унапредување на животната средина од Србија. На конференцијата учествуваа претставници на институции, граѓански организации, општини и експерти од Македонија и Србија.
„Според анализата за достапните субвенции и поддршка на граѓаните за да станат активни потрошувачи во Македонија и во Србија, покажува дека има огромен интерес особено со новиот закон од 2025 година кога се отвори можноста и за граѓански енергетски заедници. Граѓанската енергија веќе е реалност, а не фикција, но мора да се поедностават процедурите, да има поголема поддршка од институциите, повеќе финансии, но и поддршка со донесување на законите и подазаконските акти кои неодстасуват“, вели Елена Николовска програмски координатор за енергија и клима во „Еко свест“.
Таа посочи дека Македонија нема регистер на просумери, за разлика од Србија, заради што не е познат бројот на домаќинства кои веќе одлучиле да инвестираат во фотонапонски централи и да произведуваат енергија. Николовска вели дека земјава треба да направи регистар бидејќи на тој начин ќе може да се креираат политиките за поддршка на зголемување на уделот на просумерите и енергетските заедници бидејќи тоа ќе води кон пофер и подемократски енергетски систем, децентрализација на производството и ќе придонесе за декарбонизација на државата.
Во рамки на конференцијата беа презентирани и клучни наоди од истражување за профилите, мотивациите и бариерите на постојните и потенцијалните потрошувачи- производители (просумери) во Македонија. Според анализата 70 проценти од потрошената струја е од домаќинствата и малите фирми, заради што е важно на овие категории да им се даде вистинска можност да произведат што повеќе електрична енергија.
„Енергетската трансформација нема да биде успешна ако граѓаните останат само набљудувачи. Таа ќе биде успешна само ако граѓаните станат активни учесници, партнери и носители на промената“, рече Ана Чоловиќ Лешоска од „Еко-свест“.
Учесниците предупредија дека прашањето за капацитетот на мрежата не е само техничко, туку и политичко прашање, односно прашање за тоа колкав простор државата сака да обезбеди за граѓанска енергија.


