ЕК со порака до Белорусија: Искористувањето на мигрантите нема да помогнат во плановите на Лукашенко

Урсула фон дер Лајен / Фото: EPA-EFE/FRANCISCO SECO / POOL

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека белоруските власти нема да ги исполнат своите цели со искористување на мигрантите за да извршат притисок врз Европската Унија.

„Инструментализацијата на мигрантите за политички цели од Белорусија е неприфатлива. Белоруските власти мора да разберат дека со притисок врз Европската унија на овој начин преку цинична инструментализација на мигрантите, тие нема да можат да ги постигнат своите цели“, рече фон дер Лејен за тензичната ситуација на границата меѓу Белорусија и Полска.

Илјадници мигранти се собраа на белоруско-полската граница во обид да влезат во Европската унија. Брисел го обвинува режимот на белорускиот претседател Александар Лукашенко дека го организирал пристигнувањето на мигрантите на источните граници на ЕУ, откако ЕУ воведе санкции против Минск за брутална репресија на опозицијата.

Фон дер Лејен рече дека разговарала со премиерите на Полска, Литванија и Летонија, Матеуш Моравјецки, Ингрид Шимоните и Кришјанис Кариш, за да ја изрази солидарноста на ЕУ. Таа разговарала со нив за мерките што ЕУ може да ги преземе за да им помогне да се справат со оваа криза.

Белорусија против ЕУ

Претседателката на Комисијата ги повика земјите-членки да ги прошират санкциите против белорускиот режим „поради овој хибриден напад“.

„Европската унија ќе ја испита можноста за санкции, вклучително и ставање на црната листа на авиокомпании од трети земји кои се активни во трговијата со луѓе“, рече таа.

Таа најави дека Комисијата ќе разговара со специјализираните агенции на ОН за начините за спречување на хуманитарна криза и за обезбедување безбедно враќање на мигрантите во нивните земји на потекло.

Потпретседателот на Комисијата Маргаритис Схинас во наредните денови ќе отпатува во земјите од кои доаѓаат и заминуваат мигрантите и ќе бара да спречат нивните граѓани да паднат во замката на белоруските власти.

Истрели од белоруска страна на границата со Полска

Видео на денот