Една жртва во невремето во Грција
Едно лице загина како последица на невремето што зафати повеќе региони во Грција, проследено со обилни врнежи, грмотевици и силен ветер, пренесува Екатемерини.
Препорачано
Противпожарните служби рано изутринава извлекле безживотно тело на маж од под автомобил во реонот на Неа Макри, во источниот дел на областа Атика. Во интервенцијата учествувале четворица пожарникари со две возила. Според медиумските информации, станува збор за маж од полско потекло кој живеел во сутерен. За време на поплавата излегол да ја провери состојбата, по што бил завлечен од надојдените води.
Невремето предизвика сериозни проблеми во повеќе делови од земјата. Рафина, појужно на истиот брег, исто така беше погодена од сериозни поплави, при што сообраќајот на главната авенија „Маратонос“ беше запрен поради високиот водостој. Училиштата останаа затворени во неколку делови од Грција, вклучувајќи го и јужниот остров Порос, каде што мал мост се урна, а неколку автомобили беа однесени од силните води.
Невремето, означено со името Ерминио, продолжи и денеска, при што се очекуваат многу силни ветрови на северот и намалена видливост на југот поради прашина донесена од Африка.
Во текот на вчерашниот ден, противпожарната служба соопшти дека примила речиси 500 повици за помош во поширокиот регион на Атина, најмногу за отстранување паднати дрвја, но и за испумпување вода од поплавени објекти и, во 33 случаи, за извлекување луѓе заглавени од поплавите.
Властите исто така примиле 90 итни повици на Крит, 60 на другите јужни острови во Егејското Море, 27 на Пелопонез и 14 на северните егејски острови.
Поради невремето, наставата е откажана во неколку региони, а забележани се и прекини во поморскиот сообраќај, при што дел од фериботските линии се откажани.
Метеоролозите за од утре најавуваат постепена стабилизација на временските прилики.


