Помпеја, Италија / Фото: Pexels / Alberto Capparelli

Една од најголемите историски катастрофи: Потврден е точниот датум на ерупцијата на Везув и уништувањето на Помпеја

Ерупцијата на Везув во која беа уништени Помпеја и Херкуланеум, што е една од најпознатите трагедии во историјата, се случила на 24 август 79 година од н.е.

Ова го потврдија научници – археолози, историчари, филолози, геолози… – на конгрес во италијанскиот град Боскореале организиран за да се разгледаат доказите што со години поттикнуваат интензивна академска дебата, пренесува „РТВЕ“.

Иако датумот 24 август, споменат во писмата на Плиниј Помладиот, традиционално беше најприфатен, разни алтернативни хипотези што ја сместуваа ерупцијата во октомври или ноември добија на значење поради присуството на есенски плодови, доцни графити или празнини во транскрипцијата на ракописот.

За време на конгресот, експертите се согласија дека овие толкувања произлегуваат од грешки во копирањето и толкувањето на средновековните ракописи и печатени изданија од 15 век и дека нема убедливи археолошки докази што би поддржале датум различен од традиционалниот.

Археологот Хелга ди Џузепе, организаторка на конгресот, нагласи дека 24 август, кој е запишан во писмата на Плиниј Помладиот до историчарот Тацит, е најсигурен и дека не е побиен од никакви археолошки податоци.

– Многу е малку веројатно дека Плиниј Помладиот грешел, и во секој случај, никој не можел да го докаже тоа – додала таа, истакнувајќи дека другите докази наведени во минатото, како што се монети или натписи од јаглен, не дозволуваат прецизно датирање на настаните.

Во последните денови, Конгресот собра докази што укажуваат на постудена клима, како што е студијата на професорот Љоренс Алапонт од Универзитетот во Валенсија за волнена облека откриена во остатоците од жртви пронајдени во некрополата Порта Нола, што ги поттикна теориите дека ерупцијата се случила наесен.

Сепак, Ди Џузепе истакна дека есента во 1 век од римската ера не се совпаѓала со сегашната и можела да трае од август до ноември, поради разликите во положбата на Земјата во нејзината орбита и во перцепцијата на климата во тоа време.

Истражувачите веруваат дека главниот придонес на конгресот не бил само усвојувањето на 24 август како точен датум на ерупцијата, туку и усвојувањето на заеднички методолошки пристап.

Иако некои истражувачи сè уште ги застапуваат сценаријата дека трагедијата се случила наесен, во септември или октомври, конгресот заврши со широк консензус за валидноста на традиционалниот датум и за потребата од преиспитување на археолошките податоци без да се форсира нивното толкување кон алтернативен датум.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот