Џонсон последен го напушти „бродот што тоне“

Борис Џонсон
Борис Џонсон / Фото EPA-EFE/ANDY RAIN

Во изминатите неколку денови од позициите заминаа 50 министри, секретари и други функционери, а само во период од два часа во средата оставка поднесоа двајца државни секретари и уште осум министри, оставајќи го премиерот пред свршен чин и самиот да замине

Британскиот премиер Борис Џонсон вчера поднесе оставка од лидерските функции во владата и во Конзервативната партија, откако од „бродот што тоне“ си заминаа десетици министри и функционери.

Џонсон пред само две недели освои поддршка од мнозинството во партијата, што му овозможи неговото владеење да не биде оспорено барем уште 12 месеци, но пратениците и високите функционери меѓу ториевците го критикуваа дека „не е способен да ги води ни владата ни партијата“, поттикнувајќи бран оставки.

Во изминатите неколку денови од позициите заминаа 50 министри, секретари и други функционери, а само во период од два часа во средата оставка поднесоа двајца државни секретари и уште осум министри, оставајќи го премиерот пред свршен чин и самиот да замине. Џонсон утрото објави дека се повлекува од лидерската позиција во Конзервативната партија, но дека ќе остане премиер барем за време на летото. Самите конзервативци ја оспорија таквата одлука како „попусто изгубено време“.

– Тоа не е одржливо и ќе стане уште полошо, за Вас, за Конзервативната партија и најважно за целата земја. Мора да ја направите вистинската работа и да заминете веднаш – му порача на премиерот Надим Захави, кој во вторникот беше назначен за министер за финансии, а веќе во средата се повлече од функцијата. Неколкутемина што не дадоа оставки објаснија дека тоа не го прават за да го заштитат премиерот туку за да има кој да ги спроведува неопходните владини обврски и за да се задржи стабилноста на Обединетото Кралство.

Набрзо потоа, Џонсон најави дека ќе ѝ се обрати на јавноста за да ја објави својата оставка.

Неговото заминување беше неизбежно. Ние како партија мораме брзо да ги средиме редовите, да се обединиме и да се фокусираме на важните прашања. Ова се сериозни времиња на многу фронтови – изјави Џастин Томлисон, потпретседател во Конзервативната партија.

Џастин Томлисон/ Фото Ben Shread / Avalon / Profimedia

Од скандал во скандал

Борис Џонсон, поранешен новинар и градоначалник на Лондон, дојде на власт пред три години, на местото на сопартијката Тереза Меј, ветувајќи дека ефикасно ќе го спроведе раздружувањето на Обединетото Кралство од Европската Унија. Во почетокот на мандатот тој имаше висок рејтинг во партијата поради успехот да обезбеди доверба од база поширока од членството.

Првите пукнатини се појавија по хаотичниот пристап кон решавањето на проблемите, а особено по низата скандали што го намалија неговиот рејтинг во партијата, а особено во јавноста. Најсилно одекна „Партигејт“ – скандалозното прославување на 56-тиот роденден на премиерот, кога за време на најстроги изолации поради пандемијата на ковид-19, Џонсон беше снимен во премиерската резиденција со големо друштво, во кое воопшто не се почитувале мерките што ги трпеа Британците, со многу алкохол и без маски, и тоа токму спроти погребот на принцот Филип, сопругот на кралицата Елизабета. Џонсон се извини и се извлече со казна. Премиерот го погодија и оставки на други конзервативни функционери.

Џонсон партигејт фото EPA-EFE/ANDY RAIN

Ахмад Хан се повлече откако беше прогласен виновен за сексуално напаствување 15-годишно момче. Нил Париш даде оставка откако беше фатен како двапати гледа порнографски материјали на својот мобилен телефон за време на седници на парламентот. Овен Патерсон, пак, беше суспендиран откако комитетот утврди дека спротивно на законите лобирал на компании што му плаќале. Јавноста гневно реагираше на извештајот дека Џонсон ангажирал скап дизајнер за реновирањето на неговата резиденција и дека во „Даунинг 10“ излепил златни тапети. Изборната комисија ги казни конзервативците со симболични 17.800 фунти поради неправилниот извештај за донацијата со која било платено реновирањето.

Незадоволството се прелеа по скандалот со пратеникот Крис Пинчер, кого Џонсон прифатил да го назначи за потпретседател на пратеничката група, иако знаел дека Пинчер бил обвинет за сексуални напади врз мажи во приватен клуб, па дури и дал лажни информации за да го прикрие случајот.

Крис Пинчер/ Фото Richard Townshend / AFP / Profimedia

Нов премиер до август

Ториевците сега имаат обврска што е можно побрзо да изберат нов партиски лидер, кој би ја презел и премиерската функција. Потенцијални кандидати има многу и процесот би можел да трае околу два месеца.

Од потенцијалните кандидати за партиски лидер и премиер, официјални ќе бидат оние што ќе бидат номинирани од барем двајца конзервативни пратеници. Победникот ќе биде избран по серија тајни гласања меѓу пратениците, по принцип на елиминација на кандидатот што ќе добие најмал број гласови. Гласачките рунди вообичаено се секој вторник и четврток, но поради колективниот одмор на Парламентот од 21 јули, процесот може да биде забрзан.

Кога ќе останат двајца кандидати, во последниот круг од изборот на лидер се вклучува и поширокото членство на Конзервативната партија. Партискиот лидер ќе стане премиер кога ќе ја добие поддршката од мнозинството во Парламентот и ќе добие право да распише и нови избори, ако смета дека е потребно.

Времетраењето на изборот на партиски лидер ќе зависи од бројот на пријавени кандидати. По оставката на Дејвид Камерон во 2016 година, неговата наследничка Тереза Меј беше избрана по само три недели, откако пред да заврши процесот на елиминација се откажаа сите нејзини противкандидати. Џонсон, пак, во 2019 година беше избран по конечен дуел со Џереми Хант, во процес што се оддолжи два месеца.

Лидерот на лабуристичката опозиција Кир Стармер оцени дека оставката на Џонсон е добар знак за Обединетото Кралство.

– Ова требаше да се случи многу одамна. Тој никогаш не бил способен да владее. Одговорен е за лажење, за скандали и за измами со „индустриски димензи“ – изјави Стармер.

Конзервативниот пратеник и поранешен министер Ник Гиб оцени дека Џонсон веќе го изгубил авторитетот.

– Итно ни е потребен привремен премиер, кој не е кандидат за лидер, за да ја стабилизира владата во периодот на избор на нов партиски шеф и премиер – изјави Гиб.

Шкотската премиерка Никола Старџн, која беше една од најжестоките критичари на Џонсон, вчера беше и една од ретките што му изрази сочувство.

– Моите разлики со Борис Џонсон ги има многу и добро се познати. Но, лидерството е тешко и со себе носи голем стрес, па на лично ниво им посакувам сѐ најдобро и нему и на неговото семејство – објави Старџн на Твитер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот