Џиролами од македонскиот „ПСС Рејсинг Тим“ е вицешампион во ТЦР Европа
Аргентинецот Франко Џиролами од македонскиот „ПСС Рејсинг Тим“ е вицешампион оваа ТЦР сезона. Викендов на првата трка во Барселона, Шпанецот Микел Азкона триумфираше и ја обезбеди титулата во ТЦР Европа 2021 кај возачите.
Препорачано
Неговиот главен конкурент за врвот Џиролами имаше проблеми во квалификациите, па започна од долниот дел на гридот. Се соочи со технички проблеми и заврши на 17 место на трката, а в недела ќе има шанса за поправање на впечатокот.
Неговиот тимски колега, македонскиот возач Виктор Давидовски беше на 11 позиција на трката, а моментно е на 16 место во генералниот пласман.
Како што известуваат од тимот, саботниот ден беше дефинитивно „игра на судбината“.
– Ја вложивме сета енергија и го дадовме максимумот во припремите, но некои нешта беа едноставно надвор од наш дофат. Дефектот од изутрината, како и поништувањето на најбрзо извозените кругови од Давидовски и од Џиролами, беа пресудни за резултатите на квалификациите.
Консекутивно и врз исходот од првата трка, одлучувачка за титулата на сезоната. Честитки до Микел Азкона и неговиот тим „Волкано“ за успехот – информираат од „ПСС Рејсинг Тим“.
Останува да се одржи и денешната последна ТЦР трка, втора во Барселона која ќе стартува од 13.45 часот.


