Џабе докторати, кога и без образование се заработуваат над 40.000 денари
Ова занимање веќе неколку години не се симнува од првата позиција на тронот и сега за него се отворени дури 780 работни позиции – или за чистење на станбен простор или за работни простории. Огласи пуштаат кафеани, хотели, фабрики, управители со згради, јавни претпријатија… а неретко за таа работа се нуди договор на неопределено време, бонус или превоз
Хигиеничари, општи работници, продавачи, возачи на камиони, келнери, готвачи, магационери, шивачи и обезбедувачи во моментов се меѓу најбараните работници на македонскиот пазар. Програмерите се спуштија во втората половина од листата на Агенцијата за вработување, а кој сака да работи како хигиеничар, народски кажано – уште утре може да ја фрли „работничката книшка“.
Препорачано
Огласи за нив пуштаат кафеани, хотели, фабрики, управители со згради, јавни претпријатија… а неретко за таа работа се нуди договор на неопределено време, бонус или превоз. Ова занимање веќе неколку години не се симнува од првата позиција на тронот и сега за нив се отворени дури 780 работни позиции – или за чистење на станбен простор или за работни простории. Но, иако според евиденцијата на АВРСМ, без образование и со основно образование, работа бараат 57.822 лица, компаниите, но и граѓаните мака мачат со одржувањето на хигиената.
Со оглед на фактот дека станува збор за неквалификувана работна сила, платата на хигиеничарите е околу законскиот минималец, но на социјалните мрежи може да се најдат огласи на кои се нудат далеку повисоки плати! Инаку, по традиција, за крпата и метлата најчесто се фаќаат жените, но во последните години сè повеќе мажи се ангажираат за чистење на стаклените површини. Во моментот за чистење стан, се бара од 2 до 4.000 денари, а некои трговски центри и хотели нудат плата и до 40.000 денари плус доплата за секој дополнителен час!
– Тоа што сте завршиле факултет, не ви гарантира дека брзо ќе се вработите, оти во моментот најбарани се занимањата за кои е доволно основно образование – велат упатените.
На голема мака се компаниите што се јавуваат на тендерите за одржување на канцеларискиот простор, па дел од нив стравуваат дали ќе може да одговорат на годишните договори, што им влијае врз деловните планови.
– Ако немате доволен број вработени, договорите пропаѓаат. Основниот проблем е што работниците шетаат од фирма во фирма, со надеж за повисока плата. Главно станува збор за лица без образование или со најмногу основно и добиваат минимална плата, иако имаме вработени и со повисоки плати. Во последно време зачестија случаите кога вработените ќе речат дека одат на пауза и воопшто не се враќаат – велат од една фирма за одржување хигиена.
Ваквата констатација се поткрепува со податокот дека дури 25 доктори на науки, од кои 15 жени, се водат како невработени според јунската евиденција на Агенцијата за вработување. Колку образованието е потценето на пазарот на трудот, говори и податокот дека дури 662 магистри не можат да најдат работа, а вкупно како невработени со високо образование се 6.355 лица.
Истражувањето на АВСРМ за потребните вештини на пазарот покажа дека со завршено високо образование (програми на додипломско и постдипломско универзитетско образование) се бараат: програмери, машински инженери, економисти, сметководители, градежни инженери, фармацевти, маркетинг агенти, инженери на софтвер, фармацевтски технолози итн.
– При вработување работници за одредени занимања работодавачите ја нагласуваат потребата од кадар со работно искуство. Во однос на потребата од дополнителни знаења и вештини што треба да ги поседуваат кандидатите за вработување, особено при вработување кадар со високо образование, работодавачите ја нагласиле потребата од познавање странски јазици, одлично познавање работа со компјутери и поседување соодветен сертификат за стекнатите знаења. Исто така, одредени работодавачи посебно ја нагласиле потребата од дополнителни знаења и стекнати сертификати за напредни ИТ-вештини – покажа анализата.
Инаку, од вкупно 91.157 невработени лица на крајот на јуни годинава, дури 12.948 чекаат работа повеќе од осум години. Најмногу лица 21.980 се без работа меѓу пет и седум години.


