Ана Брнабиќ/ Фото EPA-EFE/Rafal Guz Poland Out

Две верзии од иста средба – Брнабиќ и ОДИХР со различни пораки

Откако претседателката на српското Народното собрание, Ана Брнабиќ се сретна со директорката на ОДИХР, Марија Телалијан во среда, парламентот издаде соопштение во кое, меѓу другото, се вели дека Телалијан ѝ се заблагодарила на Брнабиќ „за нејзиниот личен ангажман во поттикнувањето на политичкиот дијалог“.

Сепак, ОДИХР издаде свое соопштение еден ден подоцна, кое не е ни приближно толку комплиментарно кон претседателката на Собранието како што тврдеше српскиот парламент, пишува Време.

„Активното и ангажирано граѓанско општество е важно за секоја здрава демократија и заслужува поддршка и признание. Ги охрабруваме властите да ги почитуваат обврските на ОБСЕ што ги делат сите земји-членки, особено во заштитата на слободата на изразување и мирното собирање“, рече Телалијан.

Во вчерашното соопштение од Народното собрание се наведува дека „директорката Телалијан го оцени состанокот како многу значаен, особено во контекст на интензивната работа за спроведување на препораките на ОДИХР, што, како што истакна таа, придонесува за подобрување на изборниот процес и зајакнување на демократските институции“.

„Директорката Телалијан ѝ се заблагодари на претседателката Брнабиќ за нејзиниот личен ангажман во поттикнувањето на политичкиот дијалог и нагласи дека демократскиот процес бара соработка на сите актери – владата, опозицијата и граѓанскиот сектор. Таа повтори дека ОДИХР останува партнер во Србија, обезбедувајќи поддршка не само во областа на изборните процеси, туку и во зајакнувањето на демократските институции во поширока смисла“, се вели во соопштението.

Сепак, во денешното соопштение на ОДИХР се вели:

„За време на средбите со г-ѓа Брнабиќ и другите, директорката на ОДИХР нагласи дека довербата на јавноста во тековните изборни реформи не зависи само од техничките подобрувања, туку и од институционалната независност, политичката рамнотежа и инклузивната застапеност, вклучувајќи ја опозицијата и граѓанското општество. Изборните реформи секогаш се дел од пошироките напори за зајакнување на довербата на јавноста во демократските институции и владеењето на правото.“

Исто така, се додава дека сите земји-членки на ОБСЕ, вклучително и Србија, се обврзале да ги почитуваат правата на слобода на изразување, собирање и здружување, како во закон, така и во пракса.

Сите тие ја признаа клучната улога на граѓанското општество во промовирањето на човековите права, демократијата и владеењето на правото.

„Од уривањето на кровот на железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година, кога загинаа 16 лица, во Србија се одржаа повеќе од 20.000 мирни собири. Иако повеќето од нив поминаа без инциденти, имаше извештаи за насилство врз мирни демонстранти. Властите имаат обврска да овозможат мирни собири, вклучително и спонтани и нерегистрирани. Употребата на сила од страна на органите за ред и мир треба да остане последно средство, а секое обвинение за неоправдана или прекумерна употреба на сила мора да биде брзо и непристрасно истражено во согласност со меѓународните стандарди“, се вели во соопштението на ОДИХР.

Од таму потенцираат дека изборната реформа е секогаш дел од поширок напор за зајакнување на јавната доверба во демократските институции и владеењето на правото.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот