Две прeчистителни станици за вода за пиење се градат во општина Врапчиште преку МСИП проектот

Две прeчистителни станици за вода за пиење се градат во населените места Неготино и Добри Дол во општина Врапчиште, во околината на градот Гостивар, преку проектот за подобрување на општинските услуги, МСИП, во рамки на Министерство за финансии, а со поддршка на Светска банка.

Заменик министерката за финансии, Ширет Елези, која денеска заедно со тим од МСИП проектот направија увид на изградбата, вели дека изградбата на станиците за третман на вода во рамките на овие под-проекти ќе ја подобри инфраструктурата за водоснабдување во општината Врапчиште, при што директна корист од овој проект ќе имаат повеќе од 10 илјади жители од овие населени места. Заедно со заменик министерката присутни на настанот беа и министерот за животна средина Насер Нуредини и градоначалникот на општина Врапчиште, Исен Шабани.

– Овие села имаат резервоари за складирање на вода, но истите се со застарена опрема за хлорирање. Периодичната проверка на вода за пиење во дистрибутивните системи, покажуваше дека постои присуство на бактерии и укажуваше на зголемување на концентрацијата на тешки метали од заматеноста, со што може да се каже дека истата не беше со соодветниот квалитет потребите на жителите од овие населени места. Новите станици за третман на водата ќе придонесат за заштита на јавното здравје и ќе поттикнат натамошно подобрување на системите за водоснабдување во дистрибуцијата и мерењето на квалитетната вода за пиење. Реализацијата на овој проект ќе обезбеди здраво снабдување со вода, со добар квалитет, на сите домаќинства, истакна Елези.

За овие проекти во рамките на МСИП 2 проектот обезбедени се средства за под-заем од Светска банка во вредност од 30 милиони денари.

Подобрувањето на водоснабдувањето индиректно ќе придонесе за создавање на подобри услови за инвестиции во општината, поддршка за микро и мали бизниси и ќе се обезбедат соодветни услови за економски и социјален развој, кои се сметаат за највисок приоритет за општината.

Општина Гостивар, преку овој проект, опреми и четири градинки каде се згрижени 773 деца, набави возило за одржување на улични светилки како и трактор со додатоци за подобрување на јавната хигиена во градот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот