Фото: Фејсбук/Никола Перевски - Пере

„Две години бевме во агонија“: Пере од „Нокаут“ за најголемата животна загуба

Никола Перевски – Пере се отвори за најтешкиот животен период, борбата со најтешката болест на неговата мајка, по која таа почина.

„Мајка ми замина точно пред две години“, рече фронтменот на групата „Нокаут“ во емисијата „Животна приказна“ на МРТ. Музичарот потоа се присети како успеал да се справи со тагата и болката по големата загуба.

„Тоа се животни патишта со коишто се справуваме додека ги поминуваме. А патот беше долг со мајка ми, односно времетраењето на таа агонија. И мислам дека бевме тука веќе на крајот, последната година бевме свесни дека ќе се соочиме со крајот“, рече Пере.

Потоа, музичарот откри дека мајка му боледувала од најлошата болест.

„Па, не знам дали е најлошото или најдоброто во тие моменти. Мислам дека на крајот беше најдобро. Тоа решение беше најдобро, да не се мачи веќе и да не ја гледаме таа агонија. И за себе, и покрај себе, сите оние што сме најблиски во семејството, гледаш дека веќе и ние почнуваме да патиме од тоа, да не се измачува“, рече со растреперен глас музичарот.

„Беше најлошата болест. Патот беше долг и макотрпен, тоа можам да го кажам. Се изборивме свесно со тоа, се бореше свесно максимално, бидејќи ми беше многу тежок тој период затоа што брат ми живее веќе во Катар 11-12 години. Тука бев сам со татко ми, се трудев да помогнам максимално колку што се може. Ете, тоа е тоа, но мораме да бидеме свесни дека имаме за што да живееме. Сите одиме натаму“, изјави Никола Перевски – Пере.

Во истата емисија, тој прозборе за разводот со првата сопруга, со која се оженил многу млад. Пере рече дека станал татко на само 20 години, а денес е горд татко на четири ќерки: Михаела, Каја, Софија и Ирис.

„Јас бев млад и тогаш, јас како млад сум бил неискусен од многу аспекти. Меѓутоа, сфаќаш дека некои работи е многу подобро да се решат на помирен начин. Сфаќаш дека тоа е подобро за децата, дека е тоа нормално и дека е подобро, пред сè, за себе. Судбината нè спои сега да сме навистина блиску. Тие си живеат во посебен стан, меѓутоа сме на иста улица, на 15 метри сме, соседи сме сите“, откри пејачот, кој помалите ќерки Софија и Ирис ги има со втората сопруга Јована.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот