Фото: Pexels

Две деца во Хрватска си ги изгореле очите со ласерски „играчки“, ќе останат слепи до крајот на животот

Две деца во Хрватска, на возраст од 12 и 13 години, претрпеа неповратно оштетување на видот за само пет дена, поради играње со ласерси добиени како подарок. Во двата случаја, моќниот ласерски зрак предизвикал трајно уништување на нервното ткиво на мрежницата, оставајќи ги децата со визуелна функција само на едното око до крајот на животот, објави хрватскиот портал „Здравје“.

Во првиот случај, детето било примено на офталмолошки преглед со оштетување на мрежницата, последица на дејство на силен извор на светлина. Механизмот на повредата бил поврзан со употреба на ласерски уред што детето го добило како роденденски подарок.

Ласерот бил купен преку интернет и бил означен со спецификација што не одговара на ниту една важечка меѓународна класификација на ласери. Таквата ознака не дава никаква релевантна информација за реалното ниво на ризик.

Ласерот, кој го добило детето како подарок, имал наведена излезна моќност од 100 мегавати – јачина што повеќекратно ги надминува безбедносните граници за директна изложеност на око.

Пет дена подоцна бил евидентиран и втор случај: дете со видни пречки по изложување на интензивен ласерски светлосен стимул, исто така од уред добиен на подарок. Прегледот покажал промени типични за фототрауматско оштетување – трајно оштетување на нервното ткиво на мрежницата, без можност за регенерација и за враќање на изгубената видна функција. И ова дете ќе продолжи да живее со едно функционално око.

Вакви ласери во медицината се користат само под строго контролирани услови и со јасна цел: намерно да се предизвика термичко оштетување на мрежницата и да се создадат лузни на точно определени места.

Во офталмологијата тие се алатка за лекување сериозни болести на мрежницата, но исклучиво со прецизно дозирање, заштитна опрема и со стручен надзор. Кога детско око ќе биде изложено на ласерски зрак со ваква моќност, надвор од медицински контекст, ризикот не е теоретски – тоа е директен механизам за тешка повреда на мрежницата, каква што и се случила во првиот случај, со трајна загуба на функционалниот вид.

Мрежницата, како нервно ткиво, не може да се обнови: лезиите остануваат трајни, а видната функција што еднаш е изгубена не се враќа. Затоа не е ни важно дали причината е ласер, пиротехника или друг надворешен фактор што можел да се спречи – исходот е ист и претставува пораз на системот што треба да ги штити децата.

Како да ги забавите промените во видот поврзани со возраста

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот