Двајцата врвни музичари Дино Имери и Драган Ѓорѓевиќ Сузуки со рецитал ќе настапат во Скопје
Последниот концерт за оваа календарска година македонскиот пијанист Дино Имери ќе го одржи на 17 декември, во 20 часот, во Музејот на македонската борба, каде ќе настапи заедно со српскиот виолончелист Драган Ѓорѓевиќ Сузуки.
Препорачано
На програмата на концертот се дела од композиторите Бетовен, Шнитке, Имери Илкоска, Шуман и Дебиси.
Претходни одгласи за настапи на двајцата извонредни музичари се дека во Охрид изведоа „Концерт што долго ќе се памети“ („Нова Македонија“), додека во Белград заедно со виолинистот Роман Симовиќ ги нарекоа „Трио од соништата“ (С. Исаковиќ).
Дино Имери (1990) или „волшебникот на пијаното“ (француски „OPS Magazine“) е еден од најреномираните македонски пијанисти и професори. Со огромен успех настапува на престижни сцени низ светот, а неговите уметнички креации не ја оставаат рамнодушна публиката и стручната јавност.
Прогласен е за Најдобар уметник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (признание кое може да се стекне само еднаш во кариерата), а добитник е и на признанието „Иднина дома“, со што е избран од страна на македонската јавност како една од 30 највлијателни и извонредни македонски личности.
Концертот во Музејот на македонската борба е поддржан од Министерството за култура и туризам. Влезот на концертот е слободен.


