Фото: Ловечко друштво „Еко-фазан“ Кичево / Фејсбук

Два нови балкански рисови фатени на камера на Шар Планина

Две нови единки балкански рис се забележани со видеонадзор во Националниот парк „Шар Планина“, со што вкупниот број на евидентирани единки на ова ретко и загрозено животно се зголеми на пет.

„На нашите трап-камери, на територијата на Паркот, неодамна се регистрирани две нови единки балкански рис. Тие се забележани при вршење редовен мониторинг на делот од територијата што административно припаѓа на Општина Врапчиште. Со ова, бројот на идентификувани единки од рис се зголемува од три на пет. Двете единки се во добра здравствена состојба, што претставува показател за стабилизирање и закрепнување на популацијата на овој редок вид на Шар Планина,“ соопштија од НП Шар Планина.

На почетокот на 2026 година, Националниот парк „Шар Планина“ најави дека во текот на годината ќе се засили мониторингот на балканскиот рис, редок и загрозен вид, како дел од продлабочената соработка со Македонското еколошко друштво (МЕД).

За таа цел се набавени дополнителни фотозамки за следење на дивиот свет. Ренџерите од Националниот парк Шар Планина во 2024 година со камера го регистрираа присуството на рис на локацијата Долна Лешница.

Се проценува дека на планинските подрачја, особено во западниот дел од земјата, живеат околу 40 единки од овој редок вид. Неговото присуство во изминатите дваесетина години се следи со видеокамери поставени на десетици локации во националните паркови Шар Планина, Маврово и Пелистер, како и на Илинска Планина, Јабланица, Галичица и во заштитеното подрачје Јасен.

Диме Меловски: За да нема прегазени животни, ни требаат зелени мостови, но државата сѐ уште нема слух

Популацијата на балканскиот рис во Македонија и понатаму е загрозена, а биолозите предупредуваат дека најголемата опасност за неговиот опстанок не доаѓа само од криволовот. Многу посериозен проблем е тоа што рисовите сè почесто се размножуваат во сродство поради малата бројност на видот. Таквото размножување го ослабува генетското здравје на животните и со време може да доведе до помал број младенчиња и до поголема подложност на болести.

Ловџии пред неколку недели открија угинат рис на патот Преспа-Ресен, по што го известиле МЕД.

Биологот Диме Меловски од МЕД за „Слободен печат“ посочи дека кога зборуваме за прегазени животни на патиштата, треба проблематиката да се подели на две работи. Први се автопатиштата, каде, вели тој, има помалку газење на животни поради оградите, а другите се регионалните патишта, каде недостасуваат огради.

Меловски 0бјаснува дека за стабилизирање на популацијата е неопходно внесување нови единки кои би го зголемиле генетскиот диверзитет и би го намалиле ризикот од размножување во сродство. Како најреална опција тој ја посочува Романија, од каде би можело да се донесат рисови.

Потребна е „свежа крв“ од Романија за нашите рисови

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот