Еден од само педесетината балкански рисови е најден угинат на патот Охрид-Ресен
Ловџии денеска откриле угинат рис на патот Преспа-Ресен, по што го известиле Македонското еколошко друштво (МЕД). Станува збор за едно од најретките и најзагрозените животни во македонската природа, а според проценките, во дивината има само педесетина единки од балканскиот рис.
Препорачано
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, тие се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, додаваат од еколошкото друштво.


