Потребна е „свежа крв“ од Романија за нашите рисови
Иако криволовот останува проблем, биолозите предупредуваат дека балканскиот рис во Македонија се соочува и со други, уште посериозни закани по својот опстанок.
Снимката од мајка и младенче балкански рис на Шар Планина, која беше објавена пред околу една недела, претставува редок и охрабрувачки сигнал за еден од најзагрозените цицачи во Европа. Но, и покрај позитивната вест, експертите нагласуваат дека балканскиот рис сè уште не е целосно заштитен од факторите што би можеле да доведат до негово исчезнување.
Препорачано
Популацијата на балканскиот рис во Македонија и понатаму е загрозена, а биолозите предупредуваат дека најголемата опасност за неговиот опстанок не доаѓа само од криволовот. Многу посериозен проблем е тоа што рисовите сè почесто се размножуваат во сродство поради малата бројност на видот. Таквото размножување го ослабува генетското здравје на животните и со време може да доведе до помал број младенчиња и до поголема подложност на болести.
Биологот Диме Меловски од Македонското еколошко друштво за „Слободен печат“ објаснува дека здравствената состојба на балканскиот рис сè уште не е целосно истражена, особено во делот на паразитите, додека најсериозниот проблем останува високото ниво на размножување во сродство.
— Што се однесува до паразитите, тоа во моментот го изучуваме. Досега немало паразитолошка студија за балкански рис, ама се надевам наскоро ќе имаме. Што се однесува, пак, до генетскиот статус, популацијата на балканскиот рис е загрозена бидејќи размножувањето во сродство е на високо ниво. Последиците од тоа сѐ уште не се видливи, ама тоа може да значи дека едноставно не сме ги сретнале, а не дека ги нема — објаснува Меловски.
Според проценките на Македонското еколошко друштво, во Македонија моментално има околу 40 возрасни балкански рисови, со уште шест до седум единки во соседните Албанија и Косово. Видот е класифициран како критично загрозен според критериумите на Меѓународната унија за заштита на природата.
ВИДЕО: Рисови во шума на Шар Планина, мајка и младенче – ова е само втора ваква снимка
Потребна е „свежа крв“ од Романија
Меловски посочува дека за стабилизирање на популацијата е неопходно внесување нови единки кои би го зголемиле генетскиот диверзитет и би го намалиле ризикот од размножување во сродство. Како најреална опција тој ја посочува Романија, од каде би можело да се донесат рисови.
— Природно размножување постои, во спротивно немаше да има балкански рис одамна. Еве, како што е примерот на Шара, размножување има секоја година. Е сега, дали потенцијалот за тоа колку рисчиња се раѓаат е целосно искористен, тоа не го знаеме, но размножувањето во сродство може да има влијание и врз тоа, што значи дека можеби се раѓаат помалку рисчиња отколку што би требало. Изгледите за опстанок значително ќе се зголемат доколку се донесе „свежа крв“, нови рисови од друго место, веројатно од Романија — објаснува Меловски.
Носењето рисови од други места како Романија, нагласува биологот, треба да се спроведе во координација со Министерството за животна средина и просторно планирање, националните паркови, ловните друштва, Ветеринарниот факултет во Скопје и други засегнати чинители.
„Слободен печат“ се обиде да стапи во контакт со Министерството за животна средина и просторно планирање во врска со плановите и стратегиите за заштита на балканскиот рис, но до моментот на објавувањето на оваа статија не доби никаков одговор од институцијата.
Најновата снимка од Шара влева надеж
Најновата снимка од Шар Планина, според Меловски, е важен показател дека балканскиот рис не само што е присутен, туку и активно се размножува во овој регион.
— Колонизацијата на едно подрачје е можна само кога женките ќе дојдат дотаму и притоа ќе се размножат. Големо браво до Националниот парк „Шар Планина“ за заложбите за заштита и за континуираниот мониторинг на дивиот свет во ова младо заштитено подрачје — вели Меловски.
Какво животно е балканскиот рис – симболот на петденарката?
Балканскиот рис (Lynx lynx balcanicus) е подвид на евроазискиот рис и најголема дива мачка на европскиот континент. Тој е национален симбол на Македонија и е прикажан на монетата од пет денари.
Балканскиот рис има компактно и силно тело, кое може да достигне должина и до 130 сантиметри. Се одликува со долги нозе и широки шепи, прилагодени за тивко движење и лов во планински терен, објаснуваат од Македонското еколошко друштво.
Балканскиот рис има изразени мустаќи на муцката и карактеристични уши со темни перчиња на врвовите, кои му овозможуваат исклучително развиени сетила за слух и ориентација. Со моќни вилици, остри кучешки заби и со силни канџи, тој е ефикасен и прецизен предатор, прилагоден за лов во планински и во шумски предели.
Крзното му е густо и најчесто жолтеникаво-кафеаво со темни точки, што му обезбедува одлична камуфлажа, иако кај некои единки шарите се слабо изразени или целосно изостануваат. Препознатлив е и по кусата опашка со црн врв. Како ноќно и претпазливо животно, рисот е најактивен во самрак и ноќе, лови од заседа и може да го забележи својот плен на растојание до 75 метри.
Балканскиот рис се пари во зимскиот период, најчесто во јануари и во февруари, а младенчињата се раѓаат напролет, во април. Во минатото бил распространет и во источните делови на земјата, но денес неговото присуство е ограничено на шумските и релативно недопрени подрачја во Западна Македонија.
Видот бил доведен до работ на истребување, а проценките за неговата бројност со години значително варираат.
Балканскиот рис е строго заштитен со националното законодавство, како и со повеќе меѓународни конвенции, меѓу кои Бернската конвенција, Конвенцијата за меѓународна трговија со загрозени видови на дива флора и фауна и со европските директиви за заштита на живеалиштата и видовите.


